ЖИТЕЛИ ОД ДЕМИРХИСАРСКО ОБВИНУВААТ ДЕКА ПО ГРЕШКА НА ЕВН ИМ ПРЕГОРЕЛЕ ДОМАШНИТЕ АПАРАТИ, ОД ЕВН ИСПИТУВААТ ДАЛИ БАРАЊАТА ЗА ОТШТЕТА СЕ ОСНОВАНИ

    ЖИТЕЛИ ОД ДЕМИРХИСАРСКО ОБВИНУВААТ ДЕКА ПО ГРЕШКА НА ЕВН ИМ ПРЕГОРЕЛЕ ДОМАШНИТЕ АПАРАТИ, ОД ЕВН ИСПИТУВААТ ДАЛИ БАРАЊАТА ЗА ОТШТЕТА СЕ ОСНОВАНИНа 7 септември при промена на бандера по грешка им била пуштена струја со повисок напон, па се оштетиле многу апарти во повеќе домаќинства. (Фото: Факсимил од пријава до ЕВН)

    Жители од демирхисарското село Слоештица обвинуваат дека по грешка на ЕВН им прегореле повеќе апарати во домаќинството и бараат да бидат обештетени. Во дописот испратен до нашата редакција, тие се пожалија дека на 7 септември годинава при промена на бандера по грешка им била пуштена струја со повисок напон, што предизвикало оштетување на голем дел апарти во повеќе домаќинства. Им прегореле рисивери, рутери, телевизори, фиксни телефони, радиокасетофони, фрижидери, компјутер за соларно греење, читач за книги и друго.

    „На 14 септември, во КЕЦ Битола, група од 9 корисници уредно достави формулари за обесштетување. Напоменуваме дека во пунктот за достава на жалби и поплаки, единствен за подрачјето на Битола, Демир Хисар, Ресен и други рурални општини од Пелагонискиот Регион, имаше само еден вработен, чекавме од 8:45 до 10:30 часот. На наше големо изненадување, откако инсистиравме да се заведат барањата во архива, на копиите од пополнетите формулари добивме само архивски печат со датум, без никаков архивски број. Според нашите сознанија за книговодствено работење, задолжително треба да се стави архивски приемен број на доставени барања, а тоа особено треба да важи за компанија од типот на ЕВН“, реагираа семејствата со претрпени штети.

    Тие бараат како што ЕВН уредно работи при наплатата на сметки, така и сега итно да постапи кон нивно обештетување.

    „Најмалку што очекуваме да направат е да испратат стручни лица директно на терен, да направат и самите попис на штетите и за истите итно да обезбедат поправка или замена со ист вид и квалитет на оштетениот апарат/уред. Дел од корисниците не живеат постојано во селото и неопходно да исконтактират со сите корисници“, потенцираат жителите.

    Додаваат дека до денес ниту еден од корисниците не е исконтактиран од ЕВН.

    Од Компанијата одговорија дека експертите на Електродистрибуција ги разгледуваат барањата на жителите од селото Слоештица доставени една недела и повеќе по промената на столбот.

    „Барањето на секој подносител поединечно се разгледува од страна на техничка комисија на Електродистрибуција составена од електроинженери и електромонтери, која понатаму дава мислење дали истото е основано или не. Доколку техничката комисија утврди дека барањето е основано, се ангажира овластен сервисер кој стапува во контакт со корисникот и после посетата на терен се констатира дали апаратот може да се поправи или не. Поправките се прават од страна на овластениот сервисер ангажиран од страна на компанијата, а во случај на непостоење можност за поправка на апаратот, корисникот се обесштетува“, одговорија од ЕВН.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира