ФРАКЦИЈА ВО ВМРО-ДПМНЕ БАРА ОСТАВКА ОД МИЦКОСКИ, ОД ПАРТИЈАТА ОДГОВАРААТ ДЕКА ИНИЦИЈАТИВАТА НЕ ЗАСЛУЖУВА КОМЕНТАР

    ФРАКЦИЈА ВО ВМРО-ДПМНЕ БАРА ОСТАВКА ОД МИЦКОСКИ, ОД ПАРТИЈАТА ОДГОВАРААТ ДЕКА ИНИЦИЈАТИВАТА НЕ ЗАСЛУЖУВА КОМЕНТАРАндонов вели дека фракцијата е поддржана од ветерани, основачи на ВМРО-ДПМНЕ, обични членови, некогашни функционери на партијата, но и од луѓе во актуелното раководство, но не сакаше да открие бројки. (Фото: К. Попов)

    Поранешниот еднодневен министер за внатрешни работи Оливер Андонов денеска на прес-конференција пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од лидерот Христијан Мицкоски, нарекувајќи го политички потрошен. Со прес-конференцијата, Андонов најави почеток на работата на фракција за демократизација и реорганизација на партијата.

    „Мицкоски да си даде оставка од својата позиција претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да го отвори со тоа патот да се извршат неопходните демократски промени во ВМРО-ДПМНЕ и партијата која во почетокот на своето создавање во деведесеттите години беше симбол на македонската демократија, повторно да се врати на пиедесталот како нормална демократска партија, а не како симбол на политичка декаденција“, изјави Андонов.

    Тој вели дека фракцијата е поддржана од ветерани, основачи на ВМРО-ДПМНЕ, обични членови, некогашни функционери на партијата, но и од луѓе во актуелното раководство, но не сакаше да открие бројки.

    „Кога велам потрошен, потрошен е политички, затоа што ако тргнеме наназад пет години, кажете ми една работа која Мицкоски ја направи, нешто со што ВМРО-ДПМНЕ може да се гордее дека учествувало во некој процес или одбранило некој национален интерес во Македонија. Јас и луѓето кои се тука, а веројатно и мнозина други кои се и внатре во партијата го мислат истото, но од причина што не сакаат Мицкоски да им биде на врат, односно да ги малтретираат, не излегоа денеска со нас, останаа затскриени“, рече Андонов.

    Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека „иницијативата на Андонов е толку безнадежна и безначајна што не вреди посебен коментар“, му посакуваат среќа и немаат што друго да додадат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира