ДУИ има стабилни структури и може да функционира без секого, одговори лидерот Али Ахмети, откако вчера дел од членовите, меѓу кои и двајца пратеници и градоначалници, во отворено писмо искажаа незадоволство од Артан Груби и побараа реформи во партијата.
„Без сомневање дека ДУИ има воспоставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, без Блерим Беџети, без Муса Џафери, без Изет Меџити, ова е национална инвестиција која има силна основа и силна поддршка“, изјави Ахмети одговарајќи на новинарско прашање како го коментира вчерашното писмо на таканаречената „огнена група“ .
Вчера дел од членовите на партијата, меѓу кои и Муса Џафери, пратениците Изет Меџити и Мерита Колчи-Коџаџику, градоначалниците на Чаир и на Сарај Висар Ганиу и Блерим Беџети, испратија писмо до медиумите во кое велат дека во ДУИ две години не постојат партиските органи и одлучува поединец, а тоа е Артан Груби. Тие сметаат дека токму поради ваквото функционирање на партијата имаа пораз на локалните избори за Совет во Општина Тетово и затоа бараат итни реформи.
„Арогантното и дилетанско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите. Повикуваме на внатрепартиска дебата за да се надмине оваа состојба“, стои во писмото.
Ахмети рече дека ДУИ за 20 години има инвестирано во кадарот на партијата.
„Советот и Конгресот се функционални, за анархијата нема место, рече Ахмети.