ЦЕНАТА НА МАСЛОТО ЗА ЈАДЕЊЕ НЕМА ДА СЕ МЕНУВА ДО СЛЕДНАТА ПРОЛЕТ, ВЕЛАТ ОД ВЕЛЕШКА МАСЛОДАЈНА

    ЦЕНАТА НА МАСЛОТО ЗА ЈАДЕЊЕ НЕМА ДА СЕ МЕНУВА ДО СЛЕДНАТА ПРОЛЕТ, ВЕЛАТ ОД ВЕЛЕШКА МАСЛОДАЈНАНема потреба од правење домашни залихи оти масло ќе има довоно, велат од Маслодајна. (Фото: СДК.МК)

    Масло за јадење ќе има доволно и цената нема да се менува најмалку до следната пролет, велат од велешка Маслодајна, единствен производител на маслото од сончоглед во земјава.

    „До пролет цената на маслото за јадење нема да се качува и граѓаните треба да бидат спокојни, нема потреба да прават залихи. Има доволно и сончоглед и масло. За разлика од другите цени на основните прехранбени производи, не се очекува тоа да се покачува“, кажа директорот на Маслодајна Горанчо Лазов.

    Годинава има повеќе засеани површини, висок принос на сончогледот и добрата цена за откуп, родот е од 1.800-2.000 кила по хектар, што е повеќе од претходните години. Велешката фабрика најавува дека ќе го откупи целото годинашно производство, кое се проценува дека ќе биде помеѓу 10-11.000 тони и ќе биде исплатено до крајот на годината. Со ова количество фабриката може да работи два месеца без увоз на суровини од странство.

    „Без оглед што Владата го забрани извозот на сончогледот, нашата откупна цена е највисока во регионот, така што и да имаше дозвола, не верувам дека земјоделците ќе го продаваат во странство“, вели Лазов.

    За споредба, лани „Кристал 1923“ откупила четири илјади тони за 28 денари кило, а годинашнава е 35 денари за килограм.

    „Минатата година од четири илјади откупени тони, две илјади беа од ЗК Пелагонија, а исто толку од индивидуалните земјоделци. Од досега откупените шест илјади, 1.300 тони се од ЗК Пелагонија, а поголемиот дел од 4.700 тони се од индивидуалните земјоделци“, вели Лазов.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира