Москва кажа дека „специјалната воена операција“ во Украина ќе продолжи сè до освојувањето на целиот источен регион Доњецк. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, вели дека Народната Република Доњецк (НРД) сега контролира само дел од територијата на која полага право.
„Затоа е неопходно да се ослободи целата територија на НРД, што е минимумот“, кажа Песков.
Русија ја правда својата воена операција во Украина со потребата да се заштитат руските говорници во Донбас од „геноцидот“ на Украина. И додека руските сили го контролираат речиси целиот Луганск, тие досега имаат освоено само 60% од Доњецк.
И покрај тоа, во двата региона во изминатите пет дена се одржуваа таканаречените референдуми за анексија, што било изгласано со огромно мнозинство. Сепаратистичките лидери на Луганск и Доњецк веќе побараа од Путин да ја одобри анексијата, што се очекува да биде објавено в петок, а потврдено во рускиот парламент на 4 октомври.