СТУДЕНЧИШКО БЛАТО ЌЕ СТАНЕ ПАРК НА ПРИРОДАТА, НО НЕИЗВЕСНО Е ДАЛИ ЌЕ СЕ ЗАЧУВА

    СТУДЕНЧИШКО БЛАТО ЌЕ СТАНЕ ПАРК НА ПРИРОДАТА, НО НЕИЗВЕСНО Е ДАЛИ ЌЕ СЕ ЗАЧУВАВкупната површина на локалитетот Студенчишко Блато кој ќе биде ставен под заштита е 60,23 хектари. (Фото: СДК.МК)

    Владата на вчерашната седница го усвои Нацрт-законот за прогласување на Студенчишко Блато во Охрид за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природа, и ќе се достави до Собранието на понатамошно постапување. Студенчишко Блато има особено значење поради хидролошките и геоморфолошките карактеристики, составот на почвите и изобилува со богат екосистем во кој егзистираат ретки и ендемични растенија и животни, но на овој простор има и голем број приватни имоти на граѓани.

    Вкупната површина на локалитетот Студенчишко Блато кој ќе биде ставен под заштита изнесува 60,23 хектари. Предвидени се три зони, зона за строга заштита, зона за активно управување и зона за одржливо користење.

    „Донесувањето на овој закон, освен што значи исполнување на препораката на УНЕСКО, ќе овозможи зачувување на природната состојба на локалитетот преку заштита на природните и други вредности, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите“, соопшти Министерство за животна средина и просторно планирање.

    Од Општина Охрид велат дека нацрт-законот е чекор напред кон зачувување на овој уникатен екосистем.

    „Студенчишкото Блато мора да ја добие формата на заштита која ја заслужува не само поради препораките на УНЕСКО, туку и поради геолошките и биолошки вредности, пред сè поради присуството на живеалишта и видови од национално и европско значење. Општина Охрид како и до сега ќе ги преземе сите потребни мерки и ќе ги исполни сите задолженија кои произлегуваат од ова законско решение, кога истото ќе биде усвоено од страна на Собранието“, велат од Општината.

    Жителите кои имаат имоти во делот на Студенчишкото Блато не сакаа да зборуваат за одлуката на Владата за прогласување заштитено подрачје. Претходно, нивниот став беше дека го поддржауваат законот но бараа валоризација на имотите, усогласување на заедничките интереси, зачувување на вредноста на нивните имоти, оддржливо користење и активности кои овозможуваат нивни економски просперитет. Според нив, треба да им се дозволи изградба на објекти за домување, бидејќи имотите им се во зоната на оддржливо управување но согласно Планот за управување со Охридскиот Регион.

    Адвокатот Митко Петревски смета дека со ваквиот закон се задира пред сè во уставното право на сопственост на група на граѓани.

    „Треба да се заштити Студенчишко Блато, но тоа не е само блато, туку е приватен имот години наназад со кој се стопанисува“, вели Петревски.

    Додека трае постапката за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата Парк на природата, локалитетот е привремено заштитен согласно Законот за заштита на природата, но тоа не го заштити од узурпација. Просторот на места се тампонираше, се поставуваа привремени објекти, се депонираше градежен шут, а со изградбата на патеката се прекина врската меѓу блатото и езерото.

    „Врската меѓу блатото и езерото мора што побрзо да се врати, Блатото мора да се реставрира и да се ревитализира“, е ставот на експертите.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира