Првото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ ќе се одржува од 30 септември до 4 октомври, во организација на Театарот за деца и младинци од Скопје. Ќе има натпреварувачки карактер и на првото издание ќе учествуваат девет претстави на театри од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Грција.
Фестивалот го отвораат домаќините со „Том Соер“.
„Во 1996 бевме домаќини на регионална иницијатива наречена Балкански куклен фестивал, но сега за првпат сме домаќини на еден поголем и позначаен фестивал за нас, што го носи името на актерот кој беше заштитен белег на овој театар и, генерално, на детската театарска и филмска публика“, рече Катарина Илиевска-Силјановска, директорката на Театарот за деца и младинци.
Во рамките на фестивалот ќе има и тридневна работилница за кукларство, предводена од режисерот Јакуб Максимов од Чешка.
Селектор на фестивалот е актерот Владимир Лазовски, а ќе се доделуваат неколку награди: Гран при за најдобра претстава во целина, како и награди за режија, костимографија, сценографија, музика, актер и актерка. За нив ќе одлучува жирито во состав Диана Крзаниќ-Тепавац, Благој Чоревски и Драгана Милошевски-Попов.