Загрижувачки се податоците кои покажуваат дека има пораст на срцеви заболувања кај помладата популација која е работно активна, односно кај лица под 40-годишна возраст, предупреди министерот за здравство Беким Сали на одбележувањето на Светскиот ден на срцето.
„Превенцијата од кардиоваскуларни заболувања е еден од приоритетите на Министерството, имајќи предвид дека се водечка причина за смрт на глобално ниво. Пандемија во континуитет. Според последните податоци, 31% од смртноста во светот е поради нив. Министерството за здравство на годишно ниво има планирано програма за превенција од кардиоваскуларни болести, со посебен фокус на превенција на факторите на ризик, навремено дијагностицирање, препознавање и намалување на смртноста и унапредување на лекувањето. За оваа година предвидени се 20 милиони денари за оваа програма“, рече Сали.
По повод Денот на срцето, Клиниката за кардиологија прими донација од Здружението на лекари-специјализанти и дијаспората во САД во износ од 570.000 делари. На оваа клиника, околу 35.000 луѓе годишно добиваат амбулантски преглед, а има од 10.000 до 11.000 хоспитализирани пациенти.
„Со оваа опрема дополнително се подобруваат условите за сместување и третман на пациенти. На оваа клиника има голема фреквенција на пациенти и затоа е важно упанпредувањето на условите, што е една од главните заложби на Министерството“, рече Сали.
Ж. ЗДРАВКОВСКА