„СЛАВИ СО СРЦЕ, А НЕ СО ПИШТОЛ“ Е НОВАТА КАМПАЊА НА МВР, СЛУЧАЈОТ ПРОТИВ ЏЕВАТ АДЕМИ ОД ДУИ ЗА ПУКАЊЕ НА СВАДБА ЗАТВОРЕН БЕЗ ОБВИНЕНИЕ

    „СЛАВИ СО СРЦЕ, А НЕ СО ПИШТОЛ“ Е НОВАТА КАМПАЊА НА МВР, СЛУЧАЈОТ ПРОТИВ ЏЕВАТ АДЕМИ ОД ДУИ ЗА ПУКАЊЕ НА СВАДБА ЗАТВОРЕН БЕЗ ОБВИНЕНИЕПиштолите се вадат уште на одење по невеста. - Архивска фотографија од свадба одржана во Скопје минатата година.

    МВР и УНДП влегуваат во кампања против пукањето со пиштоли и пушки за свадби и прослави, како и за огнометите и употребата на пиротехнички средства и прскање огномети дури и за купување нова кола, кои ужасно се во мода последните години, особено лете, во најголемите пеколни горештини.

    Пред 20 години на новогодишната прослава на плоштадот Македонија во Скопје, од залутан куршум загина девојка.

    Во јули 2019 година во истовремено пукање од неколку оружја на свадба во Мала Речица, Тетовско, беа ранети синот на тогашниот пратеник од ДУИ Џеват Адеми и негов братучед.

    По несреќата на веселбата, сведоци за медиумите изјавуваа дека пратеникот Адеми пукал со својот пиштол и ги повредил синот и роднината. Синот полесно, а неговиот братучед потешко. Но, Адеми во Обвинителството демантирал дека тој ги испукал куршумите.

    Тетовското обвинителство не утврди од кое оружје било пукано на свадбата во Мала Речица на 31 јули 2019, зашто куршумот и денес не е изваден, т. е. не смее да се извади од градниот кош на потешко повредениот.

    Бидејќи крунскиот доказ останал во градите на повредениот, случајот е затворен, одговорност нема.

    „Со решение за отфрлување на пријавата против тогашниот осомничен, предметот е затворен. Решението е потврдено и од Вишото јавно обвинителство на Гостивар“, ни рекоа за овој случај од Обвинителството.

    Мотото на кампањата „Секој куршум има мета, слави со срце, не со оружје“, за која денеска зборуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, е да се спречи, како што рече, ова несвесно и незаконско користење на оружјето таму кај што не му е местото.

    „Од лани до сега полицијата евидентираше 14 случаи на злоупотреба на оружје при славење и веселби. Сите се кривично-правно финиширани, што резултираше со 7 кривични пријави за дело ‘предизвикување општа опасност’, едно кривично дело за недозволено поседување оружје и 6 прекршочни пријави против јавниот ред и мир. Не смее никој да си игра лотарија со човечкото здравје, и уште пострашно, со човечкиот живот“, кажа Спасовски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира