Двесет извонредни ликовни дела на македонскиот академски сликар Васко Ташковски, кого многумина го нарекуваат и македонскиот Дали, се изложени во библиотеката на Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола, каде овој врвен уметник учел на времето и почнал да се бави со уметност, посебно во работењето со акварел. Во училиштето има јазично-уметнички смер, па покрај гостите и учениците можат да се запознаат со делото на академикот кој изложувал од Битола до зградата на Обединетите нации во Њујорк.
Директорката на Гимназијата Лидија Споа рече дека овој настан дава сила учениците самоуверено и храбро да ги откриваат тајните на уметноста уште од средношколските клупи.
„Во годината кога Гимназијата ‘Јосип Броз Тито’ одбележува 130 години од нејзиното постоење како воспитно-образовна институција, висока привилегија е да биде домаќин на еден исклучителен ликовен уметник. Горната гимназија е средношколска инстутуција каде за првпат во слободна Македонија во 1945 година започна да се одржува настава на литературан македонски јазик. Токму овде, во овие училници, извесен дел до своето школување, во 1940-те години го реализира и нашиот прославен ликовен уметник“, рече Споа.
Иницијатор на изложбата е библиотекарот Драган Ристевски, кој и претходно организирал слични културни настави во училишната библиотека.
„По оваа несекојдневна изложба, за кусо време, одам во редовна заслужна пензија. Голема чест и задоволство е на овој начин да се заокружи мојот речиси 12-годишен библиотекарски ангажман. Во тој контакст е и оваа уметничка поставка на графики и акварели на Ташковски, на неговите волшебни дела што зрачат со ретка енергија, кои восхитуваат, никого не оставаат рамнодушен, но и опоменуваат за сите негативности на човекот врз мајката природа“, рече Ристевски.
Едно од делата ќе биде подарено на Гимназијата домаќин.
„Во своето речиси седумдецениско продуктивно ликовно творештво, Ташковски создал над 1.000 слики во маслена техника, претежно работени на платна, околу 3.000 акварели, над 1.300 цртежи со молив, туш и комбинирани техники, а во негова сопственост се зачувани над 10.000 скици студии за слики и графики. Во свеото 25-годишно работење во МРТ реализирал над 300 сценографии за различни телевизиски емисии, фестивали, драми“, рече градоначалникот Тони Коњановски кој ја отвори изложбата.
За жал Ташковски, кој е жива сликарска легенда и твори во неговата деветта деценија од животот, не присуствуваше лично зашто денес се одбележуваат 55 години постоење на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), па на присутните им се обрати преку видеоповик евоцирајќи спомени за неговото творење додека бил ученик.
Ж. ЗДРАВКОВСКА