Ако до пред неколку години Правниот факултет на Битолскиот универзитет имаше десетина асистенти во редовен работен однос и околу педесетина демонстратори, во моментов има само еден асистент кој наскоро ќе напредува во повисока позиција, па ќе остане и без него. Постојат цели факултети каде нема ни еден демонстратор, ниту асистент, вели проф. д-р Саша Дуковски, претседател на Иницијативниот одбор за синдикално организирање на сите вработени на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола.
Претставниците на синдикалното организирање рекоа дека со години на Универзитетот не се пополнуваат работните места кои се испразниле по основ на пензионирање, вклучувајќи го техничкиот персонал, помошниот, наставниот и асистентскиот. Скоро сите единици кубурат со кадар, а посебно е тешка ситуацијата на Висока медицинска школа и на Техничкиот факултет.
„Во ненаставниот кадар од 12 единици, осум функционираат без секретар правник кој ја организира работата внатре во единицата“, рече д-р Наташа Петрова-Поповски.
Покрај со овој проблем се оочуваат и со многу тешка финансиска, материјално-техничка состојба иако се работи за Универизтет кој според годините на опстојување е втор во државата. Голем проблем се ниските плати.
„Платата на вонреден професор е само двојно поголема од минималната плата, додека платата на административните работници, помошно-техничкиот персонал е едвај над минималната. Недопустиво е во јавните претпријатија да има драстично поголеми плати од нашата администрација, а да не зборуваме за професорите“, рече Дуковски.
Со потпишувањето на Колетивниот договор од Синдикатот за образование, наука и култура пред две години, се доби извесно покачување на платите. Но, сметаат дека тоа е минимално бидејќи како основица беа земени 54 процентри од 21.776 денари. Ако таа се пресметата со најновото покачување кое треба да дојде овој месец, највисокото работно место редовен професор ќе добие одвај над 40.000 денари плус минатиот труд кој се исплаќа од пред две години. Со ова зголемување ненаставниот кадар или не е опфатен или е опфатен со минимални еден до два проценти.
„Ја поддрживме целосно иницјативата на Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методи’ (УКИМ) и нивните разговори со Владата каде покрај подобрувањето на материјално-техничката состојба треба да дојде до зголемување на платите на сите вработени во следниот период линеарно со 25 проценти годишно. Во следните четири години треба да биде покачена за 100 проценти“, рече Дуковски.
Ова е прв обид за создавање на репрезентаривен синдикат на УКЛО од сите вработени. Ќе бараат нивелирање на платите согласно стапката на инфлација и исплата на К-15, како и да изедначување на правата на вработените во основното, средното и високото образование.
Ж. ЗДРАВКОВСКА