Прва македонска женска експедиција се искачи на врвот Браитхорн на швајцарските Алпи, висок 4.164 метри. Станува збор за членките на друштвото на планинарски спортови „Лисец“ од Штип, Вишна Шорова-Ангелова, Снежана Наковска, Бисера Димитрова, Билјана Спаскова, Кристина Сандева и Атанаска Ристова.
Дел од нив биле придружувани од своите сопрузи, исто така планинари, предводени од искусниот Трајче Алексов, кој живее во Австралија.
„Искачувањето беше мошне напорно. Швајцарските Алпи се многу незгодни и тешки за искачување. Се воодушевувам на упорноста и храброста на жените кои во ниеден момент не потклекнаа, туку нè бодреа и нас, за сите заедно да успееме“, вели актерот во Штипскиот театар Милорад Ангелов, кој беше дел од експедицијата.
Ангелов вчера попладне ни кажа дека се на Јулиските Алпи, по чие искачување се враќаат во Македонија.
Т. ЈОВАНОВСКИ