Европската визија го губи сјајот и на нејзино место повторно се појави национализмот, а сè повеќе луѓе од Западен Балкан, посебно помлади, веруваат дека никогаш нема да се приклучат на Европската унија, стои во заклучоците на Парламентарното Собрание на Советот на Европа.
На денешната дебата во Стразбур за европската перспектива на Западен Балкан, во таа насока најконкретна беше поранешната грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани, која предупреди дека ЕУ им отстапува простор на Кина, Русија и Иран.
„Времето за Западен Балкан истекува. Тука е Кина, тука е Русија, тука е Иран. ЕУ мора да работи веднаш“, кажа Бакојани.
Известувач за Западен Балкан е исто така грчки пратеник, поранешниот премиер Јорго Папандреу, сега член на Комитетот за политички прашања и демократија на Советот на Европа. Во заклучоците се вели:
„Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека сè поголем број луѓе, посебно помлади, мислат дека европската перспектива никогаш нема да се материјализира. Европската визија го губи сјајот и на нејзино место повторно се појави национализмот“.
„Додека европските изгледи слабеат, сè повеќе се забележува нова геополитизација на регионот со трети страни кои се борат за влијание и продлабочување на постоечките пукнатини, изјави Папандреу појаснуваќи дека „овој тренд може да стане уште посилен бидејќи Западниот Балкан, посебно по последиците од војната во Украина, ризикува да стане простор за геополитички антагонизам кој што може да извезе нестабилност во ЕУ“.
Пратеникот на СДСМ Дарко Каевски на дебатата кажа дека сме горди што ЕУ нè гледа како вистински партнер и сме горди на отворањето преговори, отварајќи го говорот со „Република Северна Македонија е посилна земја од 19 јули 2022, кога беше почетокот на пристапните преговори“. Во неговиот говор немаше критика за ЕУ, ниту ја спомна Бугарија.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и неговата колешка од ДУИ Арта Биљали Зендели не дојдоа на ред да говорат и според правилата на Собранието ги приложуваат говорите.
Николоски во говорот ја критикува Бугарија, како и пристапниот процес на ЕУ.
„Правилото на едногласно одлучување брутално се злоупотребува од Бугарија. Затоа многу млади губат верба и ја напуштаат земјата или бараат други алтернативи. Бугарија го користи истиот потпалувачки дискурс како Владимир Путин. Путин вели дека не постојат украински јазик и нација, дека се руски. Бугарските политичари велат дека не постојат македонски нација и јазик, дека се бугарски, и ако Македонија сака да напредува кон ЕУ мора да го прифати тоа. Затоа, го повикувам Советот на Европа во овој извештај да препорача отворање на преговорите со Македонија без понатамошни одлагања и дополнителни барања. Промената на уставот на независна земја не смее да биде предуслов за пристапните преговори. Советот на Европа треба да побара од Бугарија да престане да притиска за уставни промени во Македонија и да дозволи пристапни преговори“, вели Николоски.
На дебатата за Западен Балкан немаше пратеници од Бугарија бидејќи новото Собрание не е конституирано по парламентарните избори што се одржаа на почетокот на месецов.
Г. МИХАЈЛОВСКИ