Општина Струга го исклучува јавното осветлување во градот и населените места за да заштеди струја. Уличните светилки се исклучуваат после полноќ, што за градоначалникот Рамиз Мерко е начин за излез од енергетската криза. Граѓаните реагираат оти им е загрозена безбедноста, а адвокатите сметаат дека во ваква состојба неосновано им се наплаќа за комунална такса за јавно осветлување.
„Веќе од март, во договор со приватниот партнер за одржување на уличното осветлување побарав да стават во секое мерно место тајмери за да можеме да ја намалиме потрошувачката на електрична енергија. Во дождовни денови или кога е облачно се активира и има светло и преку ден, а од друга страна со тие тајмери се ограничува времето на користење. Зошто после полноќ кога никој не шета да не намалиме светло и да заштедиме одредена потрошувачка на електрична енергија?“, вели Мерко.
Мерко додава дека на места каде има цели линии на улично осветлување ќе се исклучува секоја втора сијалица, а со тоа се очекува сметките да се далеку помали. Исто така, Општината ќе води борба и со дивите приклучоци.
„Имаме кражби на струја, имаме такви граѓани кои злоупотребуваат и крадат струја, дали за домот дали за парковите, дворовите. Со ова исклучување и тие ќе бидат исклучени и се надевам многу ќе заштедиме“, додава Мерко.
На одредени места имало за два-три пати зголемена потрошувачка на струја, а тоа според градоначалникот е доказ дека се краде.
„Навистина се претерува посебно оние моќните, а не оние кои се социјални случаи. Тие што се социјални случаи не прават вакви работи“, вели Мерко.
Општина Струга трошела просечно до 2 милиона денари за електрична енергија, а сега фактурата за јули е четири пати повисока и изнесува 8 милиони денари. За август сметката е 10 милиони денари и ако не се прават заштеди од уличното осветлување, но и исклучување на светлата и грејните тела во канцелариите, Општината нема да може да функционира нормално, смета Мерко. Во тешка состојба од високите сметки за струја се и струшките јавни претпријатија.
Адвокатот Глигорие Ќатоски вели дека граѓаните не треба да плаќаат ист износ за комунална такса како и во периодот кога немало рестрикции во јавното осветлување.
„Во една ваква ситуација сметам дека Општина Струга, а и сите општини во државата кои воведоа рестрикции во јавното осветлување треба да го корегираат износот кој граѓаните го плаќаат на име комунална такса за јавно осветлување за процент на денот, односно период од денот во кој е воведена рестрикцијата на јавното осветлување. Согласно чл.3, ст.1, алл. 10 од Законот за комунални такси комунални такси се наплаќаат за одржување и користење на јавно осветлување“, вели Ќатоски.
Ќатоски додава дека Општините кои поради заштеда го исклучуваат јавното осветлување треба да донесат одлуки со кои сразмерно ќе го намалат износот за наплата на комунална такса за јавно осветлување за периодот односно процентот на денот за кои траат рестрикциите, односно граѓаните се лишени од користење на јавно осветлување.
„Управен приговор за оваа проблематика ќе биде доставен уште денес до Општина Струга, а исто така ќе се иницира и до Советот на Општина Струга да расправа по оваа точка“, вели Ќатоски.
С. ВРЕНЦОВСКА