Над 150 слики од уметничката колекција на покојниот коосновач на „Мајкрософт“, Пол Ален, ќе се продаваат на аукција следниот месец и се очекува да постигнат вкупна цена од над милијарда долари, што ќе бидат донирани за хуманитарни цели.
Опишана како „продажба на векот“ од аукциската куќа „Кристис“, во понуда ќе бидат дела создадени во распон од 500 години, од Сандро Ботичели до Дејвид Хокни. Пред аукцијата закажана за 9 и 10 ноември во Њујорк, делата во следните недели ќе бидат изложени во неколку подружници на „Кристис“, како Лондон, Париз, Лос Анџелес и Шангај.
Главна атракција на аукцијата ќе бидат слики на Пол Сезан и Жорж Сера, проценети на над 100 милиони долари, а во понуда ќе бидат и дела на уметници како Едуард Мане, Френсис Бејкон, Лусиен Фројд и Алберто Џакомети.
„Ален беше човек кој навистина добро ги разбираше уметноста и поединечната вредност на уметничките дела. Мислам дека ваква аукција на ремек-дела, чиј распон на создавање е 500 години, досега не е видена“, изјави претседателот на „Кристис“, Јуси Пилканен.