ПОЧИНА АКТЕРОТ МАРИН БАБИЌ

    ПОЧИНА АКТЕРОТ МАРИН БАБИЌБабиќ ќе остане запаметен по бројните и значајни улоги не само во матичниот Драмски театар, туку и во други театри и проекти.

    Синоќа во Скопје, по кратко и тешко боледување на 74-годишна возраст почина доајенот на македонското глумиште, Марин Бабиќ, соопшти семејството. Ќе биде погребан на новите градски гробишта во Прилеп на 18 октомври (вторник).

    Бабиќ во 1971 година дипломирал на Театарската академија во Софија и истата година станува дел од Драмски театар – Скопје, каде го поминува целиот свој работен век. Ќе остане запаметен по бројните и значајни улоги не само во својата матична куќа, туку и во други театри и проекти. Позначајни улоги има во претставите: „Болен Дојчин“, „Лиза, Лиза“, „Свадба“, „Учени жени“, „Собирен центар“, „Бура“, „Вообразениот болен“, „Злостори на срцето“, “Најголемиот подвиг на витезот Сукало“, „Ивона кнегиња бургундска“, „Солунски патрдии“; „Рибарски караници“, „Косанчиќев венец бр. 7“, „Хаос зад кулиси“, „Викенд на мртовци“, „Ноќ спроти Водици“, „Зојкиниот стан“, „Смртта на Дантон“, „Стапица“, „Сказна за времето“, „Сили во воздухот“, „Самоубиец“, „Балконот“, „Не сега драга…“, „Прости дарови“, „Амадеус“, „Дедо Мраз и Феферона“, „Заводникот од западниот свет“, „Словенскиот ковчег“, „Платонов“, „Ферхад и Ширин“, „Демонот од Дебар Маало“.

    Неговата актерска кариера ја одбележаа и бројни филмски и ТВ улоги: „Бушава азбука“, „Наши години“, „Оловна бригада“, „Јад“, „Нели ти реков“, „Доротеј“, „Јужна патека“, „Тетовирани души“, „Претежно ведро“, „Училиште за кловнови“, „Збогум на 20. век“ и многу други. Во културната колективна меморија засекогаш ќе остане неговиот Јашар бег во театарската претстава „Солунски патрдии“, но и по репликата која стана урбана фраза на многу луѓе – „Ово нема ни у Београду“, од претставата „Викенд на мртовци“.

    Повозрасните генерации сé уште со носталгија се сеќаваат на неговата култна Ноќна програма на Радио Скопје. Радио кариерата ја заокружи со популарната радио-емисија за готвење во некогашниот радио Равел. Бабиќ ќе остане запаметен како идеен творец на култната манифестација „Глумците пеат“ и по поетскиот серијал „Бебули“ и неговите маестрални интерпретации на современата поезија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира