По извршеното реновирање на системот за парно греење, 700 ученици од Средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип од денеска едномесечната онлајн настава ја заменија со физичко присуство .
„Системот за парно греење не бил реновиран 40 години од времето кога се отворило училиштето. Сега овој голем проблем е надминат. Санацијата на системот чини 2 милиона денари и од денеска учениците на настава се со физичко присуство во топли простории за што навреме беше обезбедена нафта за потребите на системот за парно“, вели директорката Марија Николиќ.
Половина од учениците се од соседните градови, па така училиштето веќе склучило договори со неколку приватни ординации, фармацевтски компании во Штип и стоматолошки ординации во Кочани, Радовиш и Пробиштип во деновите за практична настава таа да се одвива во нивните места со што се штеди и на превозот.
Според Николиќ, најголемиот дел од практичната настава се одвива во Клиничката болница и Центарот за јавно здравје во Штип, со кои училиштето со години има извонредна соработка.
Т. ЈОВАНОВСКИ