Украинската национална енергетска компанија „Укренерго“ ги повика граѓаните да наполнат сè што треба до седум часот зашто се очекуваат прекини во снабдувањето со струја поради руските ракетни напади. Русија и вчера гаѓаше електрани низ Украина во рамките на нападите кои почнаа на 10 октомври.
„Укренерго“ објави дека денеска ќе има четиричасовен прекин низ целата земја.
Ова следува откако Владимир Путин вчера прогласи воена состојба во незаконски анектираните украински региони и воведе рестрикции за движење во осумте региони кои граничат со Украина, меѓу кои и Крим.
Најавувајќи ги редукциите, „Укренерго“ ги повика Украинците да направат залихи од вода и „да се обезбедат со топли чорапи и ќебиња и со прегратки од семејството и пријателите“.
„Наполнете си ги телефоните, батериите и другите уреди“, порача „Укренерго“.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека во последните руски ракетни напади биле уништени 30% од украинските електрани. „Укренерго“ кажа дека во изминатите десет дена имало повеќе напади на цивилните енергетски објекти отколку во целиот претходен период од почетокот на инвазијата во февруари. Западните лидери ги опишаа овие напади како воено злосторство.