Алијанса за Албанците ќе ја поддржи промената на Уставот, но само под услов да се прифати нејзиниот пакет од 5 барања, изјави Арбен Таравари на денешната прес-конференција во Тетово. Според него, тие нивни барања биле едноставни и Владата би требало без проблеми да ги прифати. Не сакаше подетално да зборува за барањата, велејќи дека тие наскоро јавно ќе бидат објавени. Единствено рече дека едно од тие барања е во Уставот да се избрише клаузулата 20% од населението кое зборува јазик различен од официјалниот јазик и наместо тоа да се стави албанскиот јазик.
„Нашите услови за уставните промени ќе бидат пакет мерки кои ќе ги побараме од Владата и нив ќе ги презентираме кон крајот на идната недела. Претходно, овој пакет мерки ќе го презентираме и пред амбасадорите од најзначајните земји. Нашиот предлог ќе биде нешто што не може да се одбие. Едно од нашите барања ќе биде еднаш за секогаш да го тргнеме тоа 20% и да биде барем како што беше во Југославија, кога македонскиот и албанскиот јазик беа јазици кои официјално се користеа. А за тоа дали ќе бидеме и дел од мнозинството, тоа сметам дека повеќе е спин од ДУИ кои таму се поделени во 3-4 фракции и не може да се поврзе кој со кого е. Иако ова е шпекулација, но ако има таков предлог тој треба сериозно да се разгледа во партиските тела и таму да се донесе одлука без разлика каква ќе биде таа“, изјави Таравари.
На денешната прес-конференција тој ги изнесе анализите на извештајот на Европската комисија за напредок на државата, кои ги направил неговиот стручен тим, при што оцени дека Владата, според сработеното по кластери, добила многу единици и само една петка и дека во извештајот терминот „корупција“ се споменувал дури 67 пати, што јасно ја опишува состојбата во државата.
З. АНДОНОВ