Дојава за бомба повторно е пратена денска во неколку средни училишта во Скопје. Директорот на гимназијата „Орце Николов“ Митко Димовски за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдува дека денес попладнево повторно добиле е-пошта со закана за бомба.
„Пораката денес е пратена од друга електронска адреса, но повторно е за седум-осум училишта. Децата се ослободени од настава и повикана е полиција. Мора серизоно да се преземе нешто, не може секој ден да прекинуваме настава“, вели Димовски.
Вчера, антитерористичката единица на МВР по деталната проверка утврди дека беше лажна дојавата за бомба во осум училишта на територијата на Скопје. Заканувачот првин испратил електронска пошта во пет средни училишта во Скопје, а подоцна ја испратил уште во три училишта. Во сите беа евакуирани учениците.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски утрово изјави дека истрагата за вчерашните пријави за бомби е во тек и познати се првите податоци за тоа од каде се испратени тие е-пораки.
„Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас. Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија“, рече Спасовски и додаде дека казните треба да бидат најстроги.
А. АНТЕВСКА