Од денеска, во Клиничката болница во Штип почна да се користи новиот апарат за анестезија, за кој, директорот Ален Георгијев рече дека е набавен со сопствени средства и чини 3 милиони денари.
„Пред неколку месеци, исто така со сопствени средства во износ од 2.2 милиони денари набавивме современ апарат, но со помали опции, а новиот покрај во Одделението за анестезија ќе биде во функција и за хирушки зафати на одделенијата за ортопедија и урологиј“, вели Георгијев.
Директорот кажа дека во овој период Штипската болница има проблеми со други апарати, па така поради сервисирање не се во функција мошне важните апарати за компјутерска томографија и ангиографот, додека сервисирањето на апаратот за магнетна резонанса завршило деновиве и овој апарат повторно работи. Замената на цевката за компјутерскиот томограф чини 10.5 милиони денари и во тек е постапката за одобрување средства од Фондот за здравство. Инаку, сервисирањето на трите апарати болницата ќе ја чини 335 илјади денари.
Клиничката болница во Штип има проблеми и со сметките за струја. Георгијев вели дека струјата ја набавуваат од оператори на тендер, а сметките се високи и варијабилни во зависност од цената на струјата на берзата. Во јуни сметката за струја била 2.2 милиони денари, а во август речиси за ист број на потрошени киловати сметката е речиси 5 милиони денари.
Т. ЈОВАНОВСКИ