МОСКВА МОЛЧИ ПО НАЈАВИТЕ ЗА РУСКОТО ПОВЛЕКУВАЊЕ ОД ХЕРСОН, КИЕВ СМЕТА ДЕКА МОЖЕБИ Е ЗАМКА

    МОСКВА МОЛЧИ ПО НАЈАВИТЕ ЗА РУСКОТО ПОВЛЕКУВАЊЕ ОД ХЕРСОН, КИЕВ СМЕТА ДЕКА МОЖЕБИ Е ЗАМКАУкраинските власти велат дека во областа и натаму траат борби (Фото: Њујорк тајмс)

    Украинските власти и западните аналитичари со претпазливост ги примија најавите за повлекување на руските сили од западниот брег на Днепар во окупираниот регион Херсон, сметајќи дека тоа би можела да биде замка. Она што би можел да биде голем пресврт во повеќе од осуммесечната војна, исто така би било уште едно понижувачко повлекување за Русија. Москва засега молчи за најавите што дојдоа од проруските власти во Херсон.

    Нашите единици, нашите војници, веројатно ќе се префрлат на левиот брег на Днепар“, изјави заменик-шефот на проруската управа на Херсон, Кирил Стремусов.

    Киев вели дека во областа и натаму траат борби и свесен е дека Москва можеби подготвува стапица.

    Најавеното повлекување го опфаќа и самиот град Херсон, најголемиот град што Русите го освоија од почетокот на војната. Русија досега демантираше дека ќе се повлече од Херсон, а и украинската војска кажа дека Русите ги зацврстуваат своите позиции и се подготвуваат за одбрана на градот.

    На интернет денеска се прошири фотографија од зградата на управата во Херсон од која е симнато руското знаме, но Украина смета дека и тоа би можело да биде измама.

    Тие можеби сакаат да создадат погрешна претстава дека градот е напуштен и дека е безбедно да се влезе во него, додека се подготвуваат за улични борби“, изјави Наталија Хуменјук, портпаролката на украинската јужна воена команда.

    Откако Украина ја почна противофанзивата на југот, Русија испрати илјадници нови трупи во оваа област. Украинците ги бомбардираа и оштетија сите клучни премини преку Днепар, поради што постоеше опасност руските сили да останат отсечени.

    Мајкл Кофман, водечки американски експерт за руската војска, вели дека намерите на Москва се нејасни. Тој се сомнева дека Русите туку-така би го напуштиле западниот брег без да бидат притиснати.

    Ситуацијата во Херсон е јасна како кал. Се чини дека Русите се повлекуваат од некои делови, додека истовремено се засилуваат. Иако снабдувањето им е нарушено, се чини дека не им недостига муниција“, изјави Кофман.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира