Во викенд-населбата на Попова Шапка има најмалку 125 објекти кои се водат како дивоградби. Но, нивниот број сигурно е поголем, а и нови никнуваат постојано.
Од градежната инспекција на Општина Тетово соопштија дека деновиве срушиле два такви објекта чија изградба била во почетна фаза. Оттаму велат дека тие се надлежни само да спречат почеток на изградба на објекти за кои нема дозвола, а не и да ги рушат веќе постоечките дивоградби, бидејќи во тек била постапка за нивна легализација.
„Деновиве утврдивме дека над викенд-населбата на јавна површина почнала изградба на два објекта. На тој простор не се издадени никакви маркици за градење. Тие што граделе за еден ден поставиле две плочи на објектот. Ние од инспекцијата направивме контрола, го фотографиравме објектот, но не ги најдовме сопствениците. По една недела повторно направивме контрола, видовме дека градењето продолжило, а сопствениците повторно не ги најдовме таму бидејќи некој им кажал дека доаѓаме. Направивме записник и налог за рушење и со асистенција на полицијата го срушивме она што беше изградено на двата објекта“, вели Абдулгани Алији, раководител на градежниот инспекторат.
Во изминатите неколку години, градежната инспекција на Општина Тетово е сведена на само двајца инспектори.
„Сегашниот буџет на инспекторатот за рушење дивоградби во општината изнесува пет милиони денари, што ни оддалеку не е доволно. Сега сме само двајца инспектори кои треба да го контролираат целиот град. Во поранешната општинска власт имало повеќе инспектори, но тие намерно биле избришани од систематизацијата. Зошто ги бришеле? Сегашниот градоначалник направи нова систематизација, со која треба да има шестмина инспектори. Тие треба да добијат решение и лиценца пред да излезат на терен и да донесуваат решенија за рушење“, надополнува Алији.
Од Секторот за урбанизам на Општина Тетово велат дека добиле дури 125 барања за легализација на објекти во викенд-населбата.
„Досега се доставени 125 молби за легализација. За 60 од нив треба стручните служби на општината да излезат на терен за да се утврди фактичката состојба, а за другите 65 барања недостасува потребната документација. Легализацијата ќе се однесува само на земјиштето кое се наоѓа под објектот и на тие што поднеле барање до 31 декември 2018. За објектите изградени по овој датум нема да има легализација. Тука нема да се земат предвид објекти кои се изградени и по 2018, но кои имаат добиено дозвола за градба“.
Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, најавува дека процесот на легализација ќе го стави на одлучување пред советниците за тие да решат каков ќе биде натамошниот статус на овие објекти.
„На Попова Шапка има многу градби кои се во процес на легализација. Бидејќи таму се работи за државно земјиште, ние не сакаме да преземеме одговорност за легализација на државно земјиште. Затоа, ако Советот одлучи дека може да се легализира, ние како администрација ќе го прифатиме тоа“, вели Касами и додава дека ова прашање ќе биде ставено на дневен ред на една од наредните седници на Советот.
З. АНДОНОВ