СТРУГА СО ЕДНО ЗГРИЖУВАЧКО СЕМЕЈСТВО, ОХРИД ИМА ОСУМ – СО КАМПАЊАТА „ПОДАЈ РАКА И ПРОМЕНИ ЖИВОТ, СТАНИ ЗГРИЖУВАЧ” СЕ ОЧЕКУВА БРОЈОТ ДА РАСТЕ

    СТРУГА СО ЕДНО ЗГРИЖУВАЧКО СЕМЕЈСТВО, ОХРИД ИМА ОСУМ – СО КАМПАЊАТА „ПОДАЈ РАКА И ПРОМЕНИ ЖИВОТ, СТАНИ ЗГРИЖУВАЧ” СЕ ОЧЕКУВА БРОЈОТ ДА РАСТЕЗгрижувачите добиваат стручна помош и финансиска поддршка на месечно ниво од 16. 500 денари преку Центри за поддршка за згрижувачки семејства. (Фото: СДК.МК)

    Во Струга нема интерес за згрижување деца без родители и родителска грижа. Во моментот таму има само едно згрижувачко семејство. Од Центарот за социјални работи во Струга велат дека со кампањата „Подај рака и промени живот, стани згрижувач” на Министерството за труд и социјална политика, Центарот за помош на згрижувачките семејства и СОС детско село луѓето се информирале и мотивирале па очекуваат бројот на семејства кои ќе се вклучат во мрежата на згрижувачи да расте.

    „Како Општина сме посветени во подигнување на свеста на нашите граѓани за значењето кое го имаат згрижувачките семејства. Секогаш при директна комуникација со граѓаните потенцираме дека кога на едно дете му подаруваме топол и сигурен дом, подаруваме иднина која значи среќа. По спроведување на кампањата „Подај рака и промени живот, стани згрижувач” во Струга интересот расте, граѓаните се интересираат, доаѓаат прашуваат и очекуваме бројот на згрижувачки семејства да расте“, вели Мевмед Халили, директор на Центарот за социјални работи во Струга.

    Згрижувачите добиваат стручна помош и финансиска поддршка на месечно ниво од 16. 500 денари преку Центри за поддршка за згрижувачки семејства, како и други придобивки, согласно потребите на децата за кои се грижат.

    Социолозите велат дека паричниот надоместок не бил мотив за граѓаните да згрижат дете кое е оставено без родителска љубов. Струшкото семејство згрижувачи е богат печалбарски пар и за нив материјалниот надоместок не бил привлечен.

    Вкупно единаесет деца без родители се згрижени во осум згрижувачки семејства во Охрид, Градоначалникот Кирил Пецаков, најави поддршка на иницијативата за згрижување деца.

    „Како локална самоуправа одлучивме во следната година во програмата за социјална заштита покрај останатите мерки за ранливите категории на граѓани, од 2023 година да има финансиски надоместок за децата во згрижувачките семејства со еднократен износ. Градскиот совет кога ќе се носи буџетот ќе одлучи за висината и за други мерки“, вели Пецаков.

    Кампањата „Подај рака и промени живот, стани згрижувач” започна од јуни годинава и се реализира во 26 градови во земјава.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира