13-ГОДИШНИ ДЕВОЈЧИЊА СЕ НАЈМЛАДИТЕ РОДИЛКИ ВО ЗЕМЈАВА

    13-ГОДИШНИ ДЕВОЈЧИЊА СЕ НАЈМЛАДИТЕ РОДИЛКИ ВО ЗЕМЈАВАГинеколозите велат дека во последно време девојчињата добиваат менструален циклус на помала возраст од порано и дека побрзо влегуваат во сексуални односи. (Фото: СДК.МК)

    Само 13 години имале најмладите мајки во последните неколку години и се од Битолскиот регион, беше кажано стручниот состанок на гинеколози од цела Македонија што деновиве се одржа во Битола. Гинеколозите истакнаа дека во последно време девојчињата добиваат менструален циклус на помала возраст од порано и дека побрзо влегуваат во сексуални односи. Има случаи на девојки кои и на десет години имаат полови односи.

    „Во последните години првите менструации кај младите девојки се на 9 години, па некои почнуваат и од 10 години со сексуални односи. За жал имаме и такви случаи веќе на 13 години да станат мајки . Таквите девојки прво треба да донесат согласност од страна на родители или старател пред да започнеме со сите интервенции околу породувањето“, рече прим. д-р Елизабета Чипуровска.

    Гинеколошко- акушерската секција во Битола се одржа по цели 30 години. На неа се разговараше за здравјето на жената и рана детекција на малигни промени на репродуктивните органи , како и за медикаментозен абортус. Гинеколозите рекоа дека се трудат да обезбедат што поголема превенција од вакви заболувања, но има пациентки кои не се јавуваат на прегледи. Пандемијата не придонесе за зголемување на бројот на жени заболени од карцином на матка.

    „Во однос на инциденцата ние сме некаде заедно со нашите соседи и таа изнесува меѓу 16 и 24 случаи на 100.000 жени со ракот на грлото на матката. За жал, имаме жени кои не доаѓаат иако можат да дојдат. Имаме случаи на многу млади кои не оделе на преглед, а се заболени од рак на грло на матката“, рече проф. д-р. Горан Димитров , претседател на Македонското лекарско друштво и Здружението за цервикална патологија и колпоскопија.

    Жените најчесто не одат на прегледи од страв, немање здравствена култура, а некои и поради обичаите и традициите на местата каде што живеат. Гинеколозите посочија дека во Италија и другите развиени земји од млади години девојчињата се учат дека треба да одат на редовен преглед.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира