ЈАПОНИЈА ЌЕ ГО ОБНОВИ ПОКРИВОТ НА ГРАДИНКАТА ВО ЗЛЕТОВО СО 78.000 ЕВРА, АМБУЛАНТНОТО ВОЗИЛО ДОНИРАНО НА СВЕТИ НИКОЛЕ ПОМОГНАЛО ДА СЕ СПАСАТ 273 ПАЦИЕНТИ

    ЈАПОНИЈА ЌЕ ГО ОБНОВИ ПОКРИВОТ НА ГРАДИНКАТА ВО ЗЛЕТОВО СО 78.000 ЕВРА, АМБУЛАНТНОТО ВОЗИЛО ДОНИРАНО НА СВЕТИ НИКОЛЕ ПОМОГНАЛО ДА СЕ СПАСАТ 273 ПАЦИЕНТИЈапонскиот амбасадор Хиронори Савада беше во посета на источниот дел на Македонија (Фото: СДК.МК)

    Градинката „Изворче“ во Злетово, во која престојуваат 90 деца, ќе го замени стариот азбестен покрив со нов еколошки. Грантот од 78.000 евра го потпишаа јапонскиот амбасадор во Македонија, Хиронори Савада и градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов.

    Инсталацијата на нов покрив е значајна од технички, но и од еколошки аспект, со што децата и вработените добиваат поголема здравствена заштита“, рекоа двајцата потпишувачи на донацијата.

    Савада потенцираше дека преку програмата за мали грантови, Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за 73 училишта и градинки во Македонија.

    При престојот во источниот дел на Македонија, тој го посети и Свети Николе, каде што веќе е реализирана донацијата на амбулантно возило во износ од 54.633 евра.

    За една година, Здравствениот дом во Свети Николе со донираното санитетско возило реализираше транспорт на 273 пациенти во животно загрозувачка состојба до клиниките во Скопје, Штип и Велес и сите се спасени“, рекоа градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев и директорката на Здравствениот дом, Славица Панева.

    Амбасадорот Савада додаде дека Јапонија досега финансирала над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од три милиони евра. Во последните две години, во здравствените установи се донирани опрема и лекови во износ од 813.000 евра.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира