Со градежни машини и работници се урива дивоградбата на Пластичарска улица на државно земјиште, но никој не знае кој и зошто ја урива. Станува збор за дивоградба помеѓу улиците Никола Карев и Самоилова, која пред 6 години, односно во април 2017 ја уриваше Општина Центар затоа што за објектот немаше издадено градежна дозвола и се градеше на диво. Ни тогаш не се дозна кој е сопственик на дивоградбата.
Граѓани од околните куќи на улицата Самоилова стравуваат дека објектот кој беше разрушен пред 6 години се урива за да се почне повторно да се гради на диво.
„Станува збор за државно земјиште и наместо Општината да го реши проблемот и на тој потег да се изгради катна гаража бидејќи на Пластичарска нема паркинзи па секој паркира кај ќе стаса, се дозволува самоволие. Убедени сме дека објектот се урива за повторно да се дигне дивоградба. Ниту негде има табла, ниту некој кажува зошто токму сега се урива објектот. Се повторува истата слика од пред 6 години“, велат граѓани од соседството кои се јавија во нашата редакција.
Од Општина Центар во 2017 не дознаа која го гради објектот, ниту пак сега знаат кој и зошто го урива. Трошоците за уривање што ги направи Општината останаа непокриени бидејќи немаше кому да му се достави фактура.
„Надлежен испектор излезе на терен и констатирано е дека објектот за кој постои решение за уривање уште од 2017, се урива. Не знаеме кој го урива. За тоа локација нема издадено никаква градежна дозвола“, велат од Општина Центар.
Дивоградбата на Пластичарска во 2017 се уриваше со асистенција на полиција во 3 часот наутро од страна на фирма која на тендер беше избрана од Општина Центар. Решението за уривање беше издадено уште кога објектот беше во фаза на ископ, но никој не го примаше и објектот си продолжи да се гради, беа кренати столбови и поставена плоча за првиот кат. Општината тогаш не го сруши целосно објектот туку само го разурна и го остави така да стои. Не беше ниту откриено кој го градеше објектот.
А. АНТЕВСКА