Приватните превозници во Скопје велат дека сите обвинувања кои вчера ги изнесе градоначалничката Данела Арсовска во врска со нивната работа не се точни. Велат дека градоначалничката од некого добива дезинформации штом изнесува вакви податоци во јавноста и затоа бараат итна средба со неа за да ѝ објаснат како стојат работите со јавниот превоз. Приватните превозници од вчера не возат на градските линии 9,12, 23 и 45, оти Градот не им го подмирил долгот од еден милиони евра ниту пари за тековно работење.
„Арсовска вели дека најважен ѝ бил јавниот интерес. Е па, без нас јавниот интерес нема да постои оти граѓаните ќе останат без превоз. Без нас нема да има редовен превоз оти ЈСП ‘Скопје‘ нема доволно автобуси да ги замени сите линиите на кои ние возиме. Ако Арсовска не закаже средба со нас значи дека нема волја од нејзина страна да се реши ова прашање“, рече Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“.
Арсовска вчера кажа дека приватните превозници немале фискални апарати, не давале фискални сметки, не биле чисти ниту редовни, а Градот немал долг кон нив туку парите кои им се должат се од минатите раководства и ги повика да протестираат пред СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Арсовска не смета дека има проблем со јавниот превоз во градот и вели дека имало доволно автобуси.
Од 8 ноември не возат ниту автобуските на превозникот „Макекспрес“. Приватните автобуси во јавниот превоз учествуваат со 200 автобуси, бидејќи ЈСП „Скопје“ нема доволно автобуси да ги покрие сите линии.
„Ние немаме фискални сметки затоа што ниту ЈСП нема фискални сметки односно тие треба да ги обезбедат, а ниту продаваме билети во автобусите. Не е точно дека доцниме и дека не се чисти возилата. Долгот до денеска е 1,5 милиони евра кон двата приватни превозници. Градоначалничката рече дека сме ја политизирале ситуацијава, зар е политизирање што си ги бараме парите кои ни ги должат три месеци? Ние политички се вмешавме единствено кога ја дадовме поддршката на Арсовска и тоа беше првпат да дадеме јавна подршка на некого. Ја поддржавме јавно Арсовска поради тоа што на средбите ни ветуваше дека ќе имаме подобри услови за работење“, рече Јовановски.
Приватните превозници најавија дека ќе поднесат тужба до ЈСП „Скопје“ и до директорот Александар Стојковски за да можат преку извршител да си ги наплатат побарувањата.
А. АНТЕВСКА