Околу десет луѓе се убиени во пукањето во супермаркет на „Волмарт“ во градот Чесапик во американската сојузна држава Вирџинија. Мажот, за кој се верува дека бил менаџер во супермаркетот, се самоубил откако го извршил нападот.
Полицијата објави малку детали за инцидентот, кој се случи во вечерните часови по локално време, но кажа дека има до десет мртви и повеќе повредени. Мотивот не е познат.
„Пукањето се случи внатре во супермаркетот, а напаѓачот дејствувал сам. Точната бројка на загинати засега не е позната“, изјави портпаролот на полицијата Лео Косински.
Од супермаркетот кажаа дека меѓу загинатите има и неколкумина вработени.
Нападот се случи три дена по пукањето во геј клуб во Колорадо, кога загинаа пет луѓе, а 17 се ранети.