ХИПЕРХЛОРИРАЊЕ НА ТАЛОГОТ

Партиските фирми се поважни од Ангелот од Курбиново.

    ХИПЕРХЛОРИРАЊЕ НА ТАЛОГОТ

    1 Пет илјади првачиња помалку. И пет илјади затруени од вода за пиење повеќе. Е, тоа е реалноста во која живееме денеска во Македонија.

    Најдобри сме по раст на бруто домашниот производ (БДП), најдобри сме во регионот, најдобри сме од сите кандидати за ЕУ на Западен Балкан, најбрзорастечка економија сме во Европа, најголем раст на туризмот имаме, најмали плати, ама најдобро распоредени… Во сѐ сме најдобри. И – најдобри сме и по помалку првачиња и по најмногу затруени од вода-гомнарка. Па и покрај историските достигнувања на Владата, во септември ќе имаме 4.900 првачиња помалку од лани. А последната регистрирана бројка на заразени од загадената водата за пиење во Гостивар е  4.700.

    Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во празничниот говор на Илинден, пред споменикот на Ченто во Скопје, констатираше дека „за жал, најперспективните млади луѓе масовно се иселуваат во потрага по пристојно место за живеење“, а „некои поради блокираните евроинтеграции посегаат и по пасош од други држави-членки“.

    Не е можно. Зачуден сум што ни кажува претседателката.

    Граѓаните се криви што не читаат Евростат и решиле да си го бараат чарето надвор од татковината. Што си нашле резервна татковина, оти немаат резервни животи во кои од година до година, од празник до празник ќе слушаат говори, како оној на претседателката што го најде решението: „Само кога знаењето и успехот ќе бидат поважни од книшката и познанствата, младите ќе останат да живеат, да работат и да создаваат семејства тука, дома“.

    Само тоа? Е па, супер звучи тоа што го кажува претседателката. Кога само би можела да ни посочи барем еден пример дека некој е ставен на раководно место во државен сектор само затоа што е стручен, а нема партиска книшка. Еден, макар и еден директор на јавно претпријатие, на болница, на поликлиника, на школо, на градинка, на театар, на музеј,  на опера, на балет, на спортска сала, на базен, на играорно друштво… И пеење на концерти и организирање прослави не може да помине без партиски ангажман. Да имаше еден, макар еден пример кога некој бил стручен, го бивало, ама немал врска со партијата на власт.

    2 Супер звучи и кога претседателката на државата ќе каже дека „државата јакне преку националното помирување“.

    Сѐ што кажа Сиљановска-Давкова во празничниот говор, сѐ е убаво. Ама, ја слушаат ли во ВМРО-ДПМНЕ што зборува нивната кандидатка? Знаат ли тие дека таа зборува против партиски книшки? Знаат ли дека вели оти „мора да ги надминеме поделбите и да научиме да зборуваме во еден глас за прашањата од национален интерес“.

    Претседателката може да си беседи  на темата „национално помирување и обединување“ со премиерот Мицкоски, кој во исто време само 30-тина километри посеверно, на Пелинце, зборуваше за „талогот на општеството“. Толку му се бендиса тој израз што не му е шубе ни во празничен говор да си го повторува? Од лидер се очекува, ако не на дело, барем на зборови да покаже некаква симболика за национално обединување.

    Ама за жал, Мицкоски не може да се воздржи од омаловажувања ни на празник што е за радување.

    Не е само дека се раѓаат помалку деца. Си одат луѓето. Не читаат статистички бројки. Луѓето си бараат чаре надвор од државата, меѓу другото и поради вакви државнички говори. Не им се слуша веќе, не ги интересира што имаат да им кажат политичарите. Затоа што ги гледаат што прават и колку ги бива. Со толкување на статистиката нека си се бават партиските војници по нивните партиски собиранки.

    Има ли партија што ќе каже: стоп за вработувања по партиска линија? Што ќе каже, е овој го ставивме затоа што го бива, а не затоа што е од партија? Има ли? Да имаше, немаше да дојдеме до ова дереџе.

    Талогот треба да се хлорира. Море, да се хиперхлорира. И да се пушти максимално да истече.

    Како што советуваат експертите од Владата за водата во Гостивар.

    3 Слушајќи ги говорите за славното минато, ми текна дека Македониумот во Крушево, еден од најзначајните споменици на светската модерна архитектура, се распаѓа. А и да не бил толку значаен за светот, за нас е значаен оти гробот на претседателот на Крушевската република Никола Карев е таму, а скапува во мувла додека сите политичари зборуваат за херојството на илинденците.

    За светот се значајни и фреските од црквата „Свети Ѓорѓи“ од 1191 во Курбиново, како предвесник на ренесансата. А богами, и за нас се значајни оти фреската на Ангелот Гаврил е пресликана на педесетденарката.

    Е тоа мало црквиче македонската држава не може да го реставрира 13 години. И кога веќе конечно реставрацијата е при крај и треба да се изгради настрешница за заштита на надворешниот фрескоживопис, кому ја дала државата таа задача? На фирма без лиценца.

    Партиските фирми се поважни од Ангелот од Курбиново.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира