Стопанска банка АД Скопје почна со изградба на нова управна зграда. Зградата ќе се наоѓа на паркингот спроти „Холидеј ин“ како дел од комплесот „Гранд Скопје“ кој го гради фирмата “МГ Фешн“. Ќе биде на 11 ката и се очекува да биде готова за околу 2 години.
На поставувањето на камен темелникот присуствуваa премиерот Димитар Ковачевски и новата амбасадорка на Република Грција Софија Филипиду. Банката соопшти дека на поставувањето на камен темелникот беше генералниот извршен директор на Групацијата на Националната банка на Грција, Павлос Милонас во чија сопственост е банката.
„Денес сум присутен овде не само за да учествувам во церемонијата за почетокот на градбата, туку, што е уште поважно, лично да ја пренесам пораката дека новата управна зграда ја одбележува увереноста на НБГ Групацијата во перспективите на Стопанска банка и на државата. Остануваме целосно посветени на поддршката на растот на Стопанска банка како најголеми акционери во Банката повеќе од 20 години – секогаш на страната на нашите колеги во Северна Македонија, остварувајќи синергии во нашето работење и градејќи мостови меѓу нашите две држави“, кажа Павлос Милонас, генерален извршен директор на НБГ Групацијата.
Претседател на управниот одбор на Стопанска банка АД Скопје Диомидис Николетопулос кажа дека новиот објект симболизира нова ера за банката и дава сигурност дека во иднина банката ќе биде уште поголема и посилна.
Земјиштето каде се гради банката беше купено од фирмата „МГ Фешн“ која на овој простор ќе гради уште две висококатници од кои првата, што ќе биде станбена зграда, веќе се гради.