Киев го обвини Кремљ дека ја користи истата геноцидна тактика против неа како Јосиф Сталин во 1930-ите, одбележувајќи ја 90-годишнината од масовниот глад од кој починале милиони Украинци во зимата 1932/33.
Украина оваа година го одбележа денот на сеќавање на жртвите на таканаречениот Гладомор додека се бори со руската инвазија и се соочува со големи исклучувања на струјата како резултат на честите руски ракетни напади.
„Еднаш сакаа да нè уништат со глад, а сега со темница и студ. Нема да нè скршат“, напиша Володимир Зеленски на Телеграм.
Во ноември 1932, Сталин ѝ наредил на полицијата да ги заплени целото жито и стока од новоколективизираните украински фарми, вклучувајќи ги семињата за наредната сеидба. Милиони украински селани починале од глад во следните месеци и историчарите сметаат дека тоа било масовно убиство со јасна умисла.
„Русите ќе платат за сите жртви на Гладомор и ќе одговараат за денешните злосторства“, изјави шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак.
Според Зеленски, шест милиони Украинци и натаму се без струја и греење по последните ракетни напади, а Киев е еден од најтешко погодените региони.
Украинското министерство за надворешни работи денеска ја обвини Русија дека ги оживува тактиките од 1930-ите.
„На 90-годишнината од Гладоморот во Украина, руската геноцидна војна ја следи истата цел од геноцидот од 1932/33: елиминацијата на украинскиот народ и на неговата држава. Политичките и идеолошки наративи од ерата на Сталин, како негирањето на украинската држава, активно се репродуцираат денес“, објави министерството.