Французинката Стефани Фрапар утре ќе стане прва жена која ќе води натпревар на Светското фудбалско првенство за мажи, откако беше делегирана за главна судијка на мечот Германија-Костарика.
На неа ќе ѝ асистираат Неуза Бак од Бразил и Карен Дијас Медина од Мексико, со што судиската тројка на мечот ќе биде целосно женска. Четвртата жена во судиската постава ќе биде Американката Кетрин Несбит, која ќе биде во тимот за видеоанализа на стадионот „Ал Бајт“.
Мечот Германија-Костарика ќе биде 44. по ред на Мундијалот во Катар од вкупно 64. Покрај 38-годишната Фрапар, на листата судии за ова СП се најдоа уште две жени, Салима Мукасанга од Руанда и Јошими Јамашита од Јапонија.
Во машкиот фудбал, Фрапар досега водела мечеви од квалификациите за СП и Лигата на шампионите, како и годинашното финале на францускиот куп. Таа исто така беше главна судијка на женското Светско првенство во 2019.