ФИНАНСИЕРОТ НА БУГАРСКИТЕ КЛУБОВИ ГИ ОДНЕСЕ ДЕЦАТА ОД „МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР“ НА ГРОБОТ НА ЦАР БОРИС

    ФИНАНСИЕРОТ НА БУГАРСКИТЕ КЛУБОВИ ГИ ОДНЕСЕ ДЕЦАТА ОД „МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР“ НА ГРОБОТ НА ЦАР БОРИССлавчо Неделковски од УО на ликовното студио вели дека децата не биле политички злоупотребени, туку испратиле пораки за културна соработка меѓу двете држави. (Фото: СДК.МК)

    За раководството на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, организатори на брендот „Мал битолски Монмартр“, нема ништо спорно во посетата на детските ликовни творци од Македонија во Бугарија во рамки на проектот „Од двете страни на границата“ финансиран од Фондацијата „Бугарско сеќавање“. Основач на Фондацијата е Бугаринот Милен Врабевски, познат како финансиер на бугарските клубови во Битола и Охрид. Во рамки на проектот учествуваа 10 деца од Македонија и уште толку од Бугарија во камп за филнатропија, детска ликовна изложба во Народното собрание во Бугарија и посета на знамениотости, меѓу кои Рилскиот манастир, доворецот и музеј-парк Врана каде имаа средба и со бугарскиот цар Симеон Втори.

    Ликовното студио од Битола ја започна соработката со бугарската фондација уште пред неколку месеци, кога Министерството за образование и наука (МОН) го откажа финансирањето на студиото. Беше организиран и Монмартр за првпат во Пловдив и Софија, Бугарија.

    Славчо Неделковски, член на Управниот одбор на ликовното студио, вели дека децата не биле политички злоупотребени, туку испратиле пораки за културна соработка меѓу двете држави. Тој додава: „Што прави Врабевски со своите пари во слободно време апслолутно не ме интересира“.

    „Решивме во овие турбулентни времиња да реализираме проект со кој нашите деца кои струково овде се едуцираат, да учествуваат на изложба во Народното собрание во Бугарија за да покажеме на пратениците во Бугарија дека проблемот што е политички треба да си го решат со колегите во Скопје. Имав чест да ја отворам изложбата и мојата реченица беше дека ми е жал што од тоа место деца треба да им покажат колку политичарите не ги чувствуваат проблемите кои децата не треба да ги тангираат“, рече Неделковски.

    Јавноста беше разбранувана од фотографија објавена на интернет страницата на Фондацијата „Бугарско сеќавање“ на која учесниците, меѓу кои и децата од Битола, се на посета на гробот на цар Борис Трети. Ова во период кога во Македонија има тензии околу именувањето по него на клубот во Охрид, зашто тој ја приклучи Бугарија кон нацистичка Германија и депортира над 7.000 Евреи од Македонија во нацистичките логори на смртта.

    Од Детското ликовно студио во Битола велат дека тие не полагале цвеќе туку Фондацијата.

    „Неговото височество цар Симеон Втори е официјален цар на Бугарија. Бидејќи му бевме дома одлучи да нè посети, не знам зошто беше фамозно тоа. Татко му јас не го познавав. Го запознав господинот. Им посвети внимание на децата. Поклонување на гробот на цар Борис немаше. Тоа не е ни неговиот гроб, туку се наоѓа во Рилски манастир. Децата не се мешаат во политика. Ние не бевме со бугарскиот клуб од Битола, туку со Здружението за македонско-бугарско пријателство. А венецот го постави Фондацијата и тоа го пишуваше на него“, додава Неделковски и кажува дека децата биле воодушени од можноста да видат цар, а родителите дале одобрение да патуваат .

    На интернет страницата на клубот пишува „иницијативата има за цел да го насочи вниманието на јавноста кон потребата од посветена државна политика во насока на добрососедство и пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија и да покаже дека времето за дипломатија, кохезија и пријателство меѓу братските земји одамна е дојдено заради доброто на светлата иднина на младата генерација, во име на заедничката историја, корени и култура“.

    Неделковски вели дека веднаш по реализирањето на ‘Монмартр’ во Софија и Пловдив, МОН, поточно државниот секретар Анета Трпевска по телефон ги информирала дека нивната поддршка за нас прекинува.

    „Ние покренавме апел за поддршка. До денес министерот не се има јавено. Додека бевме во Бугарија ни се јавија од кабинетот на претседателот и премиерот на државата. Ние претходно имавме испратено пообемен допис дека ќе тужиме зашто овие деца седум месеци се оставени на милост и немислост, на донации од Врабевски, Панче од Франција, Ширли од Израел“, рече Неделковски.

    Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ опстојува 55 години и го организира „Мал битолски Монмартр“, манифестација која е годрост на Битола и Македонија, чиј основач Коста Хаџи Антоновски почина пред една и пол година.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира