Илјада и осумстотини жители на виничкото село Блатец со протести ќе го бранат својот водовод и нема да ја дадат водата од реката Блатешница на мини хидроцентралата што се планира да се гради во близина на селото. Цело село е претворено во граѓански отпор што се формирал веднаш по првите геодетски мерења на трасата долж локалната река, каде минува и селскиот цевковод од кој селото се снабдува со вода за пиење и за наводнување на земјоделските површини.
„Не само со протести, туку и со спречување на какви било градежни активности на концесиоинерот кој наумил без наше знаење и дозвола да гради мини хидроцентрала на нашата река. Од неа цело село се снабдува со вода за пиење и се наводнуваат земјоделските површини долж течението на реката. Кога последен пат дојдоа да прават некакви катастарски мерења се кренавме и ги прекинавме работите. Ќе прекинеме и други какви било градежни активности за изградба на оваа мини електроцентрала која нема некаков кој знае каков капацитет за производство на струја, да речеме најмногу за педесетина домаќинства, а селото ќе остане без вода за пиење и за наводнување. Затоа цело село ќе се бори да си ја зачува водата која живот ни значи“, вели претставникот на Месната заедница Блатец, Баже Анакиевски.
На жителите им било кажано дека инвеститорот располагал со сите можни документи за градба издадени од соодветните министерства, а тие во селото ниту знаат за тоа, ниту биле прашани. Тие ниту знаат кој е концесионер, единствено што дознале дека бил од Штип и дека првичниот инвеститор го преостапил концесионерското право на друг правен субјект од Кочани.
„Минихидроцентралата со цевководи ќе ја зафати целата вода од реката која не е со којзнае колкава голема издашност, што значи на потег од три километри долж реката не само што селото ќе нема вода, туку ќе се случи голема еколошка катастрофа на живиот свет“, велат жителите во Блатец.
Во одбрана на селаните и е нивната Општина Виница, која веќе издала забрана за изградба затоа што изминале сите градежни рокови. Со оглед на тоа што се создадени правни основи, жителите на Блатец бараат и соодветните министерства да ги укинат дадените дозволи, правото за вода и да ги раскинат донесените договори со концесионерот.
Т. ЈОВАНОВСКИ