Легендарниот бразилски фудбалер Пеле синоќа на Инстаграм објави дека се чувствува „силен и со надеж“, откако во бразилските медиуми излегоа непотврдени написи дека е сместен на палијативна нега и оти му е прекината хемотерапијата. Лани во септември му беше отстранет тумор од дебелото црево и оттогаш добива стандардна терапија.
„Сакам да ве смирам сите и да ви дадам позитивни вести. Ја земам мојата стандардна терапија. Сакам да се заблагодарам на целиот медицински персонал за негата која ја добивам. Имам голема верба во Бога и секоја порака со љубов која ја добивам од целиот свет ме полни со енрегија. Како и тоа што го гледам Бразил на Светското фудбалско првенство“, напиша Пеле (82), објавувајќи го медицинскиот извештај од болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Паоло, кој вели оти фудбалерот е во стабилна состојба.
Пеле го доведе Бразил до победа на Светското фудбалско првенство во 1958, 1962, 1970 и останува еденод најдобрите фудбалери на репрезентацијата со 77 гола на 92 натпревара. Бразил игра против Јужна Кореја утре.
Претходно и Болницата објави дека Пеле неделава бил хоспитализиран поради лекувањето на ракот на дебелото црево и дека добро го поднесува лекувањето на респираторната инфекција. Неговата состојба не е влошена во последните 24 часа, велат лекарите. Тој бил примен в болница за ре-евалуација на лекувањето на ракот.