ДРЖАВАТА ЌЕ МОРА ДА ГИ ПОКРИЕ СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА НА ИНСТИТУЦИИТЕ КОИ СО ГОДИНИ НЕ ПЛАЌАЛЕ, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИ

    ДРЖАВАТА ЌЕ МОРА ДА ГИ ПОКРИЕ СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА НА ИНСТИТУЦИИТЕ КОИ СО ГОДИНИ НЕ ПЛАЌАЛЕ, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИПремиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Димитар Ковачевски вели дека државата ќе мора да ги покрие трошоците на институциите кои што со години не ги плаќале сметките за струја. Но, вели тој, ќе побара одговорност од раководителите на таквите институции, кои немале објективна причина да не ги плаќаат сметките.

    „Мене ми е несфатливо како може со години да не се плаќа струја. Тоа е едно е недомаќинско, раскалашено однесување на дел од раководителите на тие институции. Кај дел има и објективни фактори, на пример кај здравствените институции, тие беа оптоварени со многу трошоци за време на корона кризата. Државата ќе мора да ги покрие овие трошоци со оглед на тоа што се клучни институции во државата кои што мора да имаат електрична енергија. Оние кај кои што не постојат толку објективни фактори за неплаќање на сметките, тие ќе ги повикам на одговорност. Ако некој не платил сметки три години, а енергетската криза е две години, тогаш енергетската криза нема влијание. Не трпам директори кои не платиле струја и кои сметаат дека нивните институции не мора да плаќаат струја само затоа што се витални“, кажа Ковачевски на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за најавата дека ЕВН ќе им испрати опомена пред исклучување на државни институции, како судови, затвори, факултети, зоолошка градина…

    Премиерот додаде дека за долговите кон ЕВН денеска ќе има состанок министерот за економија со сите други клучни компании и лица од енергетскиот сектор.

    На крајот на септември, општините, јавните претпријатија и министерствата имаа неплатени сметки за струја во износ од околу 35 милиони евра кон ЕВН. Тогаш, од институциите, меѓу најголемите должници беа болниците, кои должат 7,6 милиони евра, од кои 6,5 милиони од последните 12 месеци, а најголем должник е Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, на кого отпаѓаат речиси 90 отсто од неплатените сметки.

    Македонски железници се исто така големи должници, со неплатени сметки до 5 милиони евра, од кои 3,2 милиони од последните 12 месеци. Струшкото јавно претпријатие Проаква должи 1,6 милиони евра, додека затворот Идризово има долг од 700 илјади евра.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира