Постојаниот Комитет на Бернската конвенција при Советот на Европа ја повика Макеоднија да ги стопира сите тековни проекти и активности кои се спротивни на одредбите во Бернската конвенција додека не се оствари мисијата, да го одложи усвојувањето на клучните документи сè до усвојување на препораките од мисијата на УНЕСКО, да ги стопира сите постапки за понатамошна урбанизација и други градежни зафати на и во близина на заштитените подрачјата вклучувајќи ги и административните процедури за нив, како и сите постапки за легализација на дивоградбите.
„Одлуката да се стопираат сите активности е донесена пред еден месец, на 4 ноември. На 4 мај, Комитетот побара државава да ги испрати извештаите и да овозможи мисија да дојде и на лице место да ја види состојбата. Нашава држава не одговори на сето тоа и затоа е донесена ваква одлука по која нашето законодавство мора да се произнесе, мора да ја примени и спроведе таа одлука“, вели Никола Киселинов претседател на Туристичката асоцијација на Македонија „Билјана“, членка на УНЕСКО.
Според него, ваквите документи кои ни ги испраќа Советот на Европа се почетна мерка која треба да ги отрезни институциите и субјектите кои работат на заштитата на природното и културното наследство.
„Ове е жолт картон за државава. Советот на Европа преку банките кои финансираат одредени проекти во Македонија ќе ги стопира финансирањата за тие проекти. Ќе удрат врз економијата што е најстрашно“, вели Киселинов.
На два месеци пред Македонија и Албанија, како држави што управуваат со Охридскиот Регион како светско културно и природно наследство, да го достават извештајот до УНЕСКО со реализиран напредок во спроведувањето на активностите посочени во препораките за заштита, екологистите и граѓанските активисти се согласни дека ништо не е сработено за Охрид да не се најде на листата на загрозени заштитени подрачја. Неконтролираната урбанизација продолжува, нема отстранување на дивоизградените објекти, а не се води грижа ниту за заштита на Охридското Езеро кое се загадува но и неконтолирано се искористува за производство на електрична енергија.
„Според последниот извештај на реактивната мисија на УНЕСКО, албанската и македонската влада треба заеднички да работат на ревизија на Акциониот план базиран на препораките на УНЕСКО. Двете влади требаа да имаат конкретен план, но не се почитуваат препораките. Повторно ќе добиеме забелешки и препораки во најновиот извештај од мисијата на УНЕСКО, а колку повеќе губиме време за решавање на проблемите е полошо за нас во поглед на заштитата“, велат граѓанските активисти.
Напролет во мисијата на УНЕСКО се очекува да бидат вклучени и експерти од Бернската конвенција за да ја скенираат состојбата во државава.
„УНЕСКО е светска организација која бара конкретни активности во работењето. Не признаваат импровизација и бараат професионалност. Како организација ги имаат детектирано проблемите со кои се соочуваат сите заштитени области или градови кои се вметнати во таа листа“, вели Киселинов.
Тој вели дека државата има обврска да работи во заштитата на природното и културното наследство.
„Нашата држава кога ја потпишала таа конвенција, Охрид и околината во 1979 година како природно наследство, а 1980 година и како културно наследство влегле во таа листа на заштитени подрачја. Тоа значи облигација, обврска да го штитите тоа што го заштитил УНЕСКО, а не да поднесуваме некои импровизирани извештаи кои не кореспондираат со реалната состојба“, додава Киселинов.
Според невладините организации, Стратегискиот план за рехабилитација на Охридскиот Регион како светско културно и природно наследство има само мерки на хартија, а во пракса не се презема ништо.
„Во новиот Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, кој државава треба да го испрати до УНЕСКО, повторно е детектиран проблемот со неконтролирана урбанизација и инфраструктурното планирање. Наведени се и мерки кои допрва ќе се преземаат за подобрување на состојбата за да Охрид не се најде на листата загрозени подрачја. Тоа е барање нова шанса и пролонгирање на времето“, велат тие.
Од Општината, пак, кажаа дека е направен голем исчекор и се работи на спроведување на препораките на УНЕСКО. Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков очекува позитивен извештај од УНЕСКО. За отстранувањето на дивоградбите вели дека тоа ќе биде еден долг процес кој ќе се спроведува во повеќе фази.
С. ВРЕНЦОВСКА