Нов претседател на Судскиот совет со 10 гласа „за” од 11-темина присутни колеги, од денеска е Весна Дамева, која минатата недела им се придружи на шесте судии во бунтот против списокот на претходната претседателка со кандидати за клучни места во Академијата за судии и обвинители.
Против неа на денешното гласање во Советот беше само Лорета Георгиева, судијка од Струмица.
Прво што кажа Дамева по изборот е дека место и втора шанса за корумпиран судија во судството, нема да има. Судскиот совет, кој не правел досега посети на судовите преку делегираните свои членови на задоволително ниво, рече дека ќе се почнат интензивно, како што треба.
„Да се види како се користат тие законски дупки за спроведување селективна правда, а да се види и што се случува со неизземањето во судските постапки, кое е задолжително. Да се видат тие спреги родители-деца-роднини, во улогите на судии, обвинители, адвокати и други учесници”, одговори таа на новинарско прашање.
Прашана понатаму за бизнис интереси што наводно според Црвенковска ги застапувале седумтемина побунети од Судскиот совет, Дамева рече дека е загрижена зошто Црвенковска криела и не пријавила ако имала информации за такви влијанија во Советот. Кажа дека кога ќе се врати колешката од боледување, ќе бара од неа на седница да каже какви се тие бизнис влијанија за кои обвинува и ќе ја извести јавноста.
Црвенковска поднесе оставка од претседателската функција по текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК за бунтот во Судскиот совет на членовите избрани од судиите, кои не изгласаа поголем дел од предлозите на Црвенковска за клучни места во Академијата за судии и обвинители.
На прашање дали ќе каже кога ќе има политички влијанија од Владата или од партиите за унапредувањето на судии, но и дали ќе открие кога и внатре членовите ќе уценуваат како досега: „Не ти гласам за тој и тој судија ако не гласаш за мојов”, Дамева вети целосна транспарентност.
„Нема веќе гласање по списоци и нарачки. Впрочем ќе бидете присутни на секој избор и унапредувања и ќе следите директно од Судскиот совет”, одговори таа.
С. К. ДЕЛЕВСКА