ДО ЗАДАДЕНИОТ РОК НА 5 ДЕКЕМВРИ, НЕ Е ГОТОВО СУПЕРВЕШТАЧЕЊЕТО ЗА СООБРАЌАЈНАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИ ОД 13 ФЕВРУАРИ 2019

    ДО ЗАДАДЕНИОТ РОК НА 5 ДЕКЕМВРИ, НЕ Е ГОТОВО СУПЕРВЕШТАЧЕЊЕТО ЗА СООБРАЌАЈНАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИ ОД 13 ФЕВРУАРИ 2019Кога лани ова време судијката Груевска побара супервештачење, факултетите во Скопје, Штип и Битола веднаш кажаа дека нивните лиценцирани лица веќе ја вештачеле несреќата (Фот: СДК.МК)

    Не е готово супервештачењето за автобуската несреќа кај Ласкарци до рокот, а тоа е вчера (понеделник 5 декември) кој му го даде Основниот Кривичен суд Скопје на Бирото за судски вештачења.

    Но, стасало известување дека супервештачењето е при крај, оти треба да се изготви само мислење, кое за многу краток период ќе биде испратено до судот. Во моментов, како што ни изјавија од Кривичниот суд, им се праќа известување за добиеното писмо од вештаците.

    Пред една недела, претседателот и судијата што го води овој случај од септември 2019, ги примија роднините на 16-темина жртви и голем број повредени патници, откако тие го изразија својот протест што судењето е развлечено цели три години и повеќе.

    Трагедијата се случи на 13 февруари 2019.

    Судењето за случајот „Ласкарци“ почна во септември 2019, има над 100 судски рочишта досега и не може да се одглави. Го води судијката Дијана Груевска, втор судија е судијката Александра Ристеска.

    Во овој долг процес обвинет е и возачот на автобусот Маноел Трифуновски, раководителот на возниот парк на „Дурмо турс“ Ремзи Мифтари и тројца вработени во станицата за технички преглед во Гостивар (Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски), како соучесници во фалсификувањето на податоците за техничката исправност на автобусот што се преврте.

    Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед, за соучество во истото дело.

    „Дурмо турс“ сам си вршел технички преглед на автобусите, во своја станица за технички преглед.

    Кога лани ова време судијката Груевска побара супервештачење, Јавното обвинитлство на Скопје кое го застапува обвинението, знаеше дека ќе се блокира судењето, зашто инженерите кои вршат вакви вештачења веќе беа „истрошени“ во овој предмет.

    И така излезе, првин Техничкиот факултет во Битола, а потоа и Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, го откачија Основниот Кривичен суд кој при бројни вештачења на обвинетите и на обвинителството, на самиот крај на судењето, побара супервештачење за сообраќајната несреќа кај Ласкарци.

    Тогаш Машинскиот факултет и Штипскиот универзитет му укажаа на судот дека нивни вештаци веќе учествувале во вештачења на оваа сообраќајка и дека немаат толку голем број лиценцирани вештаци за да работат повторно на истиот предмет. Судот соопшти дека за супервештачењето, кое било неопходно за затворање на доказната постапка и за донесување првостепена пресуда, факултетите испратиле известувања дека немале доволно лиценцирани вешти лица.

    Следеше долг период да се формира тим од експерти за да се обави тоа супервештачење, а кои не учествувале во базичното вештачење.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира