ДРЖАВИТЕ КАДЕ ШТО ИМА ОДЛИВ НА МОЗОЦИ НЕ ТРЕБА ДА ДОЗВОЛАТ ВИШОК НА ДИПЛОМИРАНИ СТУДЕНТИ ВО ОДРЕДЕНИ СТРУКИ, ВЕЛИ ЈОХАНСЕН ОД СЗО

    ДРЖАВИТЕ КАДЕ ШТО ИМА ОДЛИВ НА МОЗОЦИ НЕ ТРЕБА ДА ДОЗВОЛАТ ВИШОК НА ДИПЛОМИРАНИ СТУДЕНТИ ВО ОДРЕДЕНИ СТРУКИ, ВЕЛИ ЈОХАНСЕН ОД СЗОСиноќа на трибината во Скопје се говореше за одливот на медицински кадар, предлог-решенија за запирање на трендот и зајакнување на здравствените капацитети. (Фото: Министерство за здравство)

    Седумдесет отсто од младите лекари специјализанти би останале во земјава доколку имаат загарантирано работно место, рече претседателката на Здружението на лекари-специјализанти, д-р Александра Георгиева на синоќешната панел-дискусија.

    На дискусијата под мотото „Иднината сега“ се говореше за одливот на медицинскиот кадар, предлог-решенија за запирање на трендот и за зајакнување на здравствените капацитети. Георгиева даде три предлози кои би придонеле за забавување на одливот на лекари и здравствени работници.

    „Предлагаме во Законот за здравствена заштита, кој во моментот е во Собрание и веќе трпи измени, да се вметне правото на загарантирани плата и дежурства за приватните специјализанти. Друг горлив проблем се едукацијата и кариерниот развој како втора најбитна причина за миграција. Тука предлагаме креирање програма за едукација во странство на специјализанти, но и млади специјалисти. Третиот предлог е редизајнирање на критериумите за вработувања, особено во терцијарното здравство“, рече Георгиева.

    Преку видеообраќање се вклучи и шефицата на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје, д-р Ане Јохансен, која смета дека за да се реши ова одлевање на здравствени кадри, мора да се креираат и промовираат стручни кадри колку што е реалната потреба во државата.

    „Треба да креираме политики кои го промовираат задржувањето на здравствените работници, но од иста важност треба да бидат и стратегиите за создавање квалитетни работни места кои даваат фер плата. Исто така, државите каде што има одлив на мозоци не треба да дозволат вишок на дипломирани студенти во одредени струки и треба да најдат решение за неусогласувањето на вештините кои се стекнуваат на факултетите и вештините кои се потребни на пазарот. Со други зборови, треба да се поклопат побарувачката и понудата на работни места и вештини“, потенцираше Јохансен.

    Професорката д-р Ана Данева Маркова посочи дека иднината на здравиот и стабилен здравствен систем зависи од сегашноста и од она кое се креира денес. Земајќи го фактот на негативната промена на демографијата, таа рече дека потребата од здравствени работници ќе стане поголема.

    „Се прогнозира дека демографијата на Републиката ќе продолжи значително да се менува во периодот 2021-2030 година, што ќе влијае врз здравствените потреби и побарувачката. Тоа значи дека значително ќе се покачи бројот на луѓе постари од 65 и постари од 75 години, кои се главните потрошувачи на здравствените услуги. Оваа т. н. демографска темпирана бомба веќе имаше сериозен ефект во неколку европски земји и ваквиот ефект ќе се почувствува и во Македонија. Подобрувањето на здравствената состојба и менувањето на здравственото однесување не е задача само на здравствениот сектор, туку мора да биде дел од кохерентна владина политика која ќе ги опфати сите аспекти на социјална, економска и фискална политика“, рече Данева-Маркова.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира