УЧЕНИЦИТЕ ИМААТ ПОПОЗИТИВЕН СТАВ ЗА СЕКСУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ОТКАКО ЛАНИ БЕШЕ ВОВЕДЕН ПИЛОТ-ПРОЕКТОТ, ВЕЛИ ХЕРА

    УЧЕНИЦИТЕ ИМААТ ПОПОЗИТИВЕН СТАВ ЗА СЕКСУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ОТКАКО ЛАНИ БЕШЕ ВОВЕДЕН ПИЛОТ-ПРОЕКТОТ, ВЕЛИ ХЕРАБирото за развој на образованието и ХЕРА денеска на тркалезна маса ги претставија наодите од евалуацијата на пилот-програмата што се спроведуваше лани. (Фото: ХЕРА)

    Пилот-програмата за сеопфатно сеопфатно сексуално образование (ССО) многу ги подобрила знаењата на учениците за темите опфатени во содржините на ССО и учениците имаат значително попозитивен став кон компонентите на ССО, се дел од заклучоците од спроведениот проект, соопшти Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА.

    Бирото за развој на образованието, во соработка со ХЕРА денеска одржа тркалезна маса на која беа претставени наодите од евалуацијата на пилот-програмата што се спроведуваше во 2021 година во 9.одделение во основните училишта „Јан Амос Коменски“ и „Кузман Шапкарев“ во Скопје и „Братство-Миѓени“ во Тетово.

    „Верувам дека тркалезнава маса ќе биде охрабрувачка за голем број основни училишта во понатамошно спроведување на сексуалното образование, онака како што е предвидено со Концепцијата за основно образование. Верувам и дека бројот на наставници кои ќе го спроведуваат во иднина ќе се зголемува. А дека ќе има предизвици и противници – ќе има, но ако сме побројни и посилни, нема да нè обесхрабрат. Затоа и во ХЕРА, која силно се залага ССО да се учи во училишните клупи, можете да гледате партнер кој ќе ве поддржува на тој пат“, изјави Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА.

    Претставувајќи ги наодите од евалуацијата, евалуаторката Шерузе Османи-Балажи рече дека пилот-програмата е усогласена со целите и стандардите на УНЕСКО за реализирање на настава за ССО за деца на возраст од 13 до 15 години, како и дека наставната програма, учебното помагало и спроведените обуки и работилници биле во согласност со потребите на наставниците за зголемување на нивните компетенции за реализација на наставата за ССО.

    Квалитативните наоди упатуваат дека обуките се значаен фактор за ефективно спроведување на програмата. Сепак, наставниците ја нагласуваат потребата од проширување на знаењата во однос на научни и медицински факти за сексуалноста, но и од поддршка од друг наставник или надворешен едукатор при спроведување на програмата, и тоа на часовите кога се зборува за контрацепција, тинејџерски врски и брак, сексизам и сексуални ориентации. И учениците и наставниците сметаат дека за да може целосно и ефективно да се изучуваат тематските содржини, програмата за ССО би требало да се спроведе во текот на две полугодија со двојно поголем фонд на часови.

    Николина Кениг, една од истражувачките, рече дека значителен дел од опфатените наставници (вкупно 1652) би сакале да се вклучат во обука за реализација на овие содржини бидејќи сметаат дека информациите, ставовите и вештините што учениците би ги стекнале низ оваа настава се исклучително важни и релевантни.

    „Пречките за успешна реализација на програмата наставниците и соработниците ги лоцираат најмногу во фактори надвор од училиштето, односно во неподготвеноста на заедницата или на родителите да прифатат систематска едукација на тинејџерите во сферата на сексуалноста“, дополни таа.

    Пилот-програмата за ССО се спроведе во рамките на воннаставните активности како слободен изборен предмет во деветтото одделение, со вкупно 36 часа во текот на првото полугодие од учебната 2021/2022 година. За таа цел, според насоките и препораките дадени од мултисекторката работна група формирана од Министерството за образование и наука, беше развиена наставна програма сообразена со развојните можности на учениците на 15-годишна возраст, а беше изготвен и Прирачник (нацрт-верзија) со вкупно 47 работилници распределени низ седум компоненти: род, врски и односи, тело и слика за телото, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност, насилство.

    „Резултатите од евалуацијата ќе послужат како основа, од една страна, за ревизија или дополнување на наставната програма, материјалите од прирачникот и наставната програма и, од друга страна, за подготовка на Национален план и Стратегија за воведување на ССО во основното и средното образование како слободен изборен предмет или трансферзално во рамките на соодветни наставни предмети“, додаваат од ХЕРА.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира