СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ ЌЕ СЕ УЧИ ВО ОСМО И ДЕВЕТТО ОДДЕЛEНИЕ ВО ЧЕТИРИ УЧИЛИШТА ОД 2021

    СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ ЌЕ СЕ УЧИ ВО ОСМО И ДЕВЕТТО ОДДЕЛEНИЕ ВО ЧЕТИРИ УЧИЛИШТА ОД 2021Предметот нема да се оценува бројчано, а би го предавале наставници и/или претставници на стручните служби на училиштата, кои доброволно би се пријавиле за обука и негово спроведување. - Бојан Јовановски и Мери Цветковска од ХЕРА денес ја претставија пилот-програмата (Фото: ХЕРА)

    Четири училишта од рурална и урбана средина ќе бидат избрани за пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование (ССО), која треба да стартува од септември 2021, вели Бојан Јовановски од Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА, откако Владата на последната седница донесе одлука за воведување ваква пилот-програма.

    Пилот-програмата е резултат на двегодишната работа на работната група при Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, Министерство за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Министерството за финансии и ХЕРА за идентификување на национални стратегии за подобрување на содржината на сексуалното образование во наставата.

    Јованoвски вели дека сѐ уште немаат конечен назив како ќе се вика предметот за сеопфатно сексуално образование (ССО), но дека ќе биде изборен предмет за учениците во осмо и деветто одделние. Предметот нема да се оценува бројчано, а би го предавале наставници и/или претставници на стручните служби на училиштата, кои доброволно би се пријавиле за обука и негово спроведување. Се предлага предметот да има вкупен фонд од 36 часа годишнo. Училиштата сѐ уште не се познати, нив ќе ги избере Бирото, кој е носечка институција на проектот, но се знае дека тие треба да имаат меѓуетнички диверзитет.

    Јовановски и Цветковска кажаа дека од ХЕРА спровеле истражување за јавното мислење меѓу родителите за воведување на нови содржии во настават и оти се изненадени од позитивниот одзив (Фото: ХЕРА)

    „Сеопфатно сексуално образование опфаќа учење за когнитивниот, емоционалниот, социјалниот и физичкиот аспект на сексуалноста. Сексуалното обраозование започнува рано во детството и продолжува низ адолесенцијата и зрелоста. Опфаќа седум компоменти: род, врски и односи, тело и слика за телото, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност и сексуално однесување, насилство и граѓански аспекти“, вели Мери Цветковска од ХЕРА.

    Според Јовановски, сексуалното образование не се однесува само на биомедицинските аспекти, туку опфаќа многу различни компонети, како на пример за родовите стереотипи, за нееднаквиот третман на жените во општеството, за телото, за сликите, за здравствените аспекти, како да се користат кондоми, каде да се купи контрацепција, за насилството.

    Во однос на тоа кои професори ќе предаваат, Јовановски вели дека професорите и стручните лица кои имаат интерес ќе може самоиницијативно да се пријават.

    „Тие ќе треба да поминат соодветна обука  по прирачникот кој ние веќе го изработивме за наставници. Откако ќе ја поминат обуката, за кое е задолжено Бирото, ќе бидат сертифицирани и обучени, ќе можат да почнат да предаваат во тие одредени училишта. Важно е да се напомене дека таа програма ќе ја предаваат наставници кои ќе имаат желба, а не како ќе им се наметне. Различна е мотивацијата  во училиштата, некаде е психологот помотивиран, некаде професорот по биологија, на трето место професорот по физичко“, кажа Јовановски.

    Тој додава дека Бирото заедно со ХЕРА формирале експертска група од 22 лица, кои работеле на каков модел треба да има сексуалното образование. Разгледале шест-седум модели како на пример: модел во однос на задолжително обраозование, модел во однос на изборен предмет, модел во дисперзирани теми и предмети, дали наставниците да бидат психолози, педагози или по биологија.

    „Експертите се согласија дека пилот-програмата треба да биде воведена како изборен предмет засега, имајќи предвид какви се реформите во образованието и какви се капацитетие на училиштата“, додава Јовановски.

    Јовановски и Цветковска кажаа дека од ХЕРА спровеле истражување за јавното мислење меѓу родителите за воведување на нови содржии во настават и оти се изненадени од позитивниот одзив.

    „Исклучително висок процент од родителите, кој се движи меѓу 82% и 96%, се согласуваат младите да изучуваат теми кои се дел од сеопфатното сексуално образование. Најголема согласност (95%) постои за теми поврзана со (1) Заштита од насилство врз жените, сексуалното насилство и насилството на социјалните мрежи , (2) Услуги и медицинска помош при ризик од сексуално преносливи инфекции и ХИВ, (3) Заштита од несакана бременост, (4) Механизми за заштита на сексуални и репродуктивни права, (5) Промени во пубертетот. Иако е со висок процент (82%), сепак најмала согласност од понудените теми родителите покажуваат за значењето и давање на согласност на партнерот/ката при влегување во сексуален однос, особено првиот“, вели Цветкоска.

    Истражувањето покажало дека нема значителни разлики во согласноста кај родителите на понудените теми од сеопфатното сексуално образование во однос на полот, возраста, средината на живеење или економскиот статус. Етничката припадност на родителите исто така нема значајно влијание за воведување на содржини за сексуално образование. Имено, кај родителите од македонска етничка припадност прифаќањето за изучување на сите теми од сексуалното образование се движи меѓу 90% – 97%, додека кај родителите Албанци меѓу 81% – 95%.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари