Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на денешниот однос на секретарот на Град Скопје Зоран Глогоров кој не дозволи на прес-конференција новинарите да му постават прашања кои ги засегаат граѓаните поради блокираниот и парализиран град. ЗНМ вели дека Глигоров како јавен функционер треба да одговари на сите прашања, бидејќи работа на новинарот е да прашува и истражува заради јавниот интерес.
„ЗНМ остро реагира на игноратниот, непрофесионалниот и крајно понижувачки однос од страна на генералниот секретар на Град Скопје Зоран Глигоров кон новинарските екипи за време на денешната прес-конференција. Глигоров, во своето обраќање пред новинарските екипи даде куса изјава каде ги обвини приватните превозници за политичка блокада на градот и на крајот не сакаше да даде одговори на новинарски прашања со образложение дека имал други обврски. На таквата негова постапка, колегите новинари разочарано изреагирале дека тие не се дојдени само да држат микрофони туку и да постават прашања кои се од јавен интерес за граѓаните на градот Скопје“, се вели во соопштението од ЗНМ.
Здружението на новинари апелира јавните функционери да се трудат да дадат одговори на сите новинарски прашања, а не да ги игнорираат и понижуваат новинарите и медиумските работници.
„Потсетуваме дека новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека функционерите се тие кои треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа“, велат од ЗНМ.
Градоначалничката Данела Арсовска го назначи Глигоров за секретар на Градот во септември, откако се скара со ВМРО-ДПМНЕ и од оваа позиција го разреши Ѓоко Велковски.
А. АНТЕВСКА