Владимир Путин изјави дека расте ризикот од нуклеарна војна, но додаде дека Русија не е луда и не би прва употребила нуклеарно оружје. Тој инсистираше дека Русија би употребила оружје за масовно уништување само за да одговори на напад.
Зборувајќи на годишниот состанок на рускиот совет за човекови права, Путин призна дека војната во Украина би можела да биде долготраен процес. Западните функционери сметаат дека Путин во прв момент очекувал брза победа во Украина.
Од почетокот на војната во февруари, постојано се набљудуваат руските намери за евентуална употреба на нуклеарното оружје.
„Таквиот ризик расте, би било погрешно да се крие тоа. Сепак, Русија во ниедни околности не би употребила нуклеарно оружје прва и нема никому да му се заканува со својот нуклеарен арсенал. Не сме полуделе, свесни сме што значи нуклеарно оружје“, кажа Путин.
Тој нагласи дека Русија ги поседува најмодерните и најнапредни нуклеарни оружја на светот и за разлика од САД, никогаш не распореди такво оружје во друга држава.
„Војната во Украина ќе биде долг процес. Досега постигнатите резултати се значајни. Со анексиите, Азовското Море го направивме внатрешно море на Русија, што беше една од аспирациите на Петар Велики“, кажа Путин, кој еднаш веќе се спореди со рускиот цар од 17. и 18. век.