Бугарија кажа дека нема да презема одмазднички мерки кон Холандија откако таа денеска се спротивстави на нејзиното влегување во Шенген зоната и стави вето на состанокот на Советот за внатрешни работи и правосудство на ЕУ. Ова пред неколку дена го најави бугарскиот премиер Галаб Донев, но по денешната одлука на Холандија и Австрија, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев изјави дека предност ќе дадат на дијалог.
„Во моментов размислуваме за дијалог, а кога дијалогот ќе биде исцрпен, тогаш ќе информираме за следните чекори“, изјави Демерџиев.
Од трите земји кои аплицираа за влез во Шенген зоната на 1 јануари 2023, само Хрватска доби зелено светло од сите членки на Унијата, додека Австрија ги блокираше Романија и Бугарија, а Холандија ја поддржа Романија, но не и Бугарија.
Демерџиев вели дека Холандија немала никакви специфични барања и сакала извештај за механизам што не постои во Бугарија од 2019.
„Ова беше политичка одлука. Холандија немаше конкретни аргументи за нашите постапки и недејствувања. Убеден сум дека разговорите со Австрија ќе бидат конструктивни. Таа сигнализираше дека е подготвена за компромис. Од друга страна, очекувам Холандија да остане на истиот став“, рече Демерџиев.
Тој додаде дека добил уверувања од Шведска, која од 1 јануари ќе претседава со ЕУ, дека ќе ѝ помогне на Бугарија да влезе во Шенген зоната.