Слободан Унковски, еден од најзначајните македонски театарски режисери, по девет години, в сабота (17 декември) во 20 часот има премиера во Македонскиот народен театар (МНТ). Унковски ја постави претставата „Сите сме птици“, според текстот на либанско-канадскиот автор Важди Муавад.
Оваа моќна современа драма, како што велат од МНТ, која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, го истражува и идентитетот за тоа кои сме – или мислиме дека сме.
Во драмата на Муавад, додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сето она што го знаат за својот идентитет. Поради терористичкиот напад во Ерусалим, младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан паѓа во кома, додека неговата девојка Вахида (американка со арапско потекло) е оставена да ја открие неговата семејна тајна.
Играат Дамјан Цветановски – Еитан, Сара Климоска – Вахида, Тина Трпкоска – Еден, Звездана Ангеловска – Леа, Николина Кујача – Нора, Емил Рубен – Етгар, Никола Ристановски – Давид, Петре Арсовски – Вазан, Сашка Димитровска – Болничарка, Драгана Костадиновска – Лекарка.
Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска, а драматург е Јелена Мијовиќ.
Сценографијата на претставата е на Бранко Хојник, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска и композитор е Ирена Поповиќ-Драговиќ.
По премиерата на 17 декември, следните изведби се закажани на 20 и 21 декември, како и на 30 и 31 јануари 2023.
Б. НЕСТОРОСКА