Дваесетина лица со попречености, поранешни штитеници на Специјалниот завод во Демир Капија, првпат излегоа од нивните мали групни домови, каде што се сместени и присуствуваа на аукција со која Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес одбележа 25 години постоење. Од хуманитарно-продажниот настан одржан во фоајето на Велешки театар се собраа 130.000 денари.
„Сите собрани средства се наменски, за социјалниот сервис ‘Живееме со поддршка‘, кој го формиравме. Работно ангажираните се грижат за 20 лица кои се поранешни штитеници на Специјалниот завод во Демир Капија. Тие се сместени во четири мали групни дома. На овие лица им понудивме хумани услови за живот. Тие живееле со децении во Демир Капија и првпат се на вакво нешто. Почувствуваа љубов, топлина, што е дом, за што најзаслужни се негувателките и стручниот тим кои работат со нив“, кажа Далиборка Златева, претседателката на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес.
На аукцијата се продаваа уметнички дела, донирани од 20 автори, како и рачно изработени новогодишни украси и органски лековити билки произведени од лицата од Здружението.
Mали групни домови за згрижување поранешни штитеници на Специјалниот завод во Демир Капија има во Велес, Башино Село и два во Градско.
П. ПЕЧКОВ