ТЕТОВСКИТЕ КОМУНАЛЦИ ШТРАЈКУВААТ И НЕМА ДО ГО СОБИРААТ СМЕТОТ СÈ ДОДЕКА НЕ ИМ СЕ ИСПЛАТАТ ЗАОСТАНАТИТЕ ПЛАТИ

    ТЕТОВСКИТЕ КОМУНАЛЦИ ШТРАЈКУВААТ И НЕМА ДО ГО СОБИРААТ СМЕТОТ СÈ ДОДЕКА НЕ ИМ СЕ ИСПЛАТАТ ЗАОСТАНАТИТЕ ПЛАТИПлатите во ЈКП Тетово доцнат и 4 месеци. (Фото: СДК.МК)

    Тетовските комуналци повторно излегоа на штрајк. Се пожалија дека платите повторно им доцнат, некои не зеле плата за октомври и ноември, а на некои работници ЈКП Тетово им нема исплатено плати и за 4 месеци. Тие утрово со собраа пред работната единица „Комунална хигиена“, ги кажаа своите маки и барања, но не заминаа на терен.

    „Денеска се собравме овде да изразиме револт поради неисплатени плати за октомври и ноември, а немаме уплатено ниту за здравствено осигурување. Не може да одиме на лекар, половина од работниците се болни. Некому му должат две плати, а некому дури четири. Како може да се живее кога платата ни доцни 3-4 месеци, посебно сега во време на криза кога цените отидоа во небеси? Платите ни доцнат е уште од времето на градоначалничката Теута Арифи. Само ни ветуваат дека ќе не исплатат но ништо од тоа“, се жалат работниците на ЈКП Тетово.

    Освен што немаат навремени плати, многу се револтирани и поради тоа што не им се уплаќа за здравствено осигурување на овие услуги мора да ги плаќаат приватно. Нивната работа е крајно тешка и често пати се повредуваат додека го отстрануваат сметот од тетовските улици.

    „На 5 октомври, кога бевме на терен да собираме ѓубре, исеков два прста кога се камионот го подигаше контејнерот. Бидејќи немаше уплатено за здравствено осигурување морав да платам од сопствениот џеб, а плата немам земено веќе два месеци“, вели Куртиш Имери, работник во ЈКП.

    Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами изјави дека Општината ќе издвои 400 илјади евра за да ги исплати заостанатиот долг кон оние работници кои се на договор за дело. Ваква одлука беше донесена на вонредната седница на Советот на Општина Тетово на која се расправаше само за состојбата во ЈКП Тетово, но исплатата доцнела поради административни проблеми..

    „Се работи за некои грешки во системот на плаќање. Општината, согласно одлуката на Советот, презеде обврска за луѓето со договор на дело да им се исплатат заостанатите плати. Но имало некои проблеми во трезорот за реализација на тие плаќања. Се работи за доцнење од ден-два, па се надевам дека ќе има разбирање кај вработените. Покрај ова, бараме начин како да се исплатат и другите заостанати плати. За тие работници кои имаат редовен работен однос заостанатите плати треба да им ги исплати самото претпријатие, но ЈКП нема толку средства наеднаш да ги исплати“, изјави градоначалникот Касами.

    Во септември 2020, овие работници од „Комунална хигиена“ исто така протестираа изразувајќи незадоволство затоа што тогаш платите и придонесите за здравствено и пензиско осигурување им доцнеа шест месеци.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира