Холивудската дива Џејн Фонда изјави дека се чувствува среќно и благословено што ракот ѝ е во ремисија и веќе не мора да прима хемотерапија. Фонда, која в среда ќе наполни 85 години, кажа дека оваа вест ѝ е најдобриот роденденски подарок во животот.
Таа пред повеќе од три месеци објави дека ѝ бил дијагностициран нехоџкинов лимфом, помалку вообичаен вид на рак кој се развива во лимфниот систем.
„Во почетокот ми кажаа дека ќе одам на хемотерапија шест месеци. Особена сум среќна што првите четири рунди на лекување лесно ги поминав, само неколку дена бев уморна, додека последната хемотерапија беше тешка и траеше две недели“, напиша Фонда на Инстаграм, каде што има 1,9 милиони следбеници.
Фонда освои два оскара во својата шестдецениска актерска кариера, а позната е и по својот политички и климатски активизам. Таа не престана да оди на протести ниту додека се лекуваше.